Министрите и дополнителните заменици-министри избрани на предлог на ВМРО-ДПМНЕ влегуваат во институциите. Прво што ќе направат е проверка за да се согледаат состојбите во ресорите, најави дополнителниот заменик-министер во земјоделство, Цветан Трипуновски, на прес-конференцијата во Собранието по изборот, во име на сите функционери во техничката влада од редовите на опозицијата. Обвини дека во институциите се врши груба и безобразна партизација.
„Нема поголема одговорност да се работи за граѓаните на Република Македонија. Оваа трхничка влада нема да направи чуда, но јас и моите колеги ветуваме беспоштедни напори за организирање на фер и демократски избори. Заев е поразен. Наместо професионализација, се прави груба партизација. Потребна е итна борба против организираниот криминал и корупција. Од денес влегуваме во институциите. Првата работа што ќе ја направиме е да ја согледаме состојбата во министерствата“, рече Трипуновски.
Според Наќе Чулев, техничкиот министер за внатрешни работи, приоритет е организирање на фер и демократски избори.
„Приоритетна цел ќе ми биде организирање на демократски избори. Дополнително, во соработка со меѓународни организации, ќе бидат преземени активности за стабилизација на државата. Сметам дека ни треба период за согледување на состојбите во МВР“, рече Наќев.
Според дополнителната заменичка во финансии, Гордана Димитриевска, нема да бидат дозволени нелегални исплати пред изборите.
„Ќе почнеме со работа и она во што граѓаните може да бидат сигурни е дека нема да има исплати надвор од законот за поткуп на гласови”, рече Димитриевска.