„Сите аеродромски сектори се во состојба на подготвеност поради глобалниот ИТ-прекин и се преземаат сите неопходни мерки за опслужување на нашите патници на најдобар можен начин“, велат од аеродромскиот оператор на македонските аеродроми во Скопје и Охрид
Не се соочуваме со прекини или технички проблеми, засега нема откажани летови, информираат од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на македонските аеродроми во Скопје и Охрид.

„Факт е дека одредени авиокомпании се соочуваат со тешкотии во нивните ситеми. Преземаме мерки за овозможување на непречени операции на аеродромите“,
велат оттаму.
Апелираат сите патници да ги проверат и да ги потврдат информациите за својот лет со авиокомпанијата или туристичката агенција преку која резервирале авиобилет.
„Сите аеродромски сектори се во состојба на подготвеност поради глобалниот ИТ-прекин и се преземаат сите неопходни мерки за опслужување на нашите патници на најдобар можен начин“,
се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
На веб-страницата и на мобилната апликација на „Визер“ не се достапни услугите, како системот за резервации, онлајн системот за пријавување и прикажување на картата за патување и контакт-центри – нови резервации и промена на постоечките. Оттаму ги информираат патниците да дојдат најмалку три часа порано пред својот лет на аеродром, со цел да можат да се пријават на шалтерите.
Водечки авиокомпании, банки, телекомуникациски компании и медиуми ширум светот од утринава пријавиле проблеми и прекини во ИТ-мрежите.
Причината за прекините на глобалниот систем засега е нејасна, но многу од засегнатите ја поврзаа со оперативните системи на „Мајкрософт“. Од компанијата подоцна соопштија дека преземаат мерки за ублажување на проблемите кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите ширум светот.