Обвинителот Александар Марковски на денешното рочиште кажа дека е факт оти обвинетиот Зоран Јованов претходно немал судир со законот и бил офицер за пример во македонската армија, но оти судскиот процес не е за да се цени и суди неговата професионалност, туку тоа што тој требало или не требало да го направи како родител
Според бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, станува збор за правен преседан, досега незабележан во македонската правна историја бидејќи во случајот се гони татко за дејствија што ги сторил неговиот полнолетен син
Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов кој на крајот на јануари на пешачки премин во Скопје со автомобил на пешачки премин смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека не се чувствува виновен и дека не разбира што точно му се става на товар.

Тој се товари за кривично дело загрозување на безбедноста во сообраќајот бидејќи според Обвинителството му дозволил на својот син без возачка дозвола да управува со автомобил, што резултираа со трагичниот настан што го предизвика неговиот син возејќи со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол.
На овој момент, на рочиштето, како што пренесе МИА, се осврна обвинителот Александар Марковски кој рече дека обвинетиот Јованов преку родителска попустливост придонел да дојде до опасната ситуација.
„Во случајот станува збор за еден ноторен факт – татковата љубов спрема синот единец била голема, но резултирала со несреќна попустливост на родителот кон синот кој што се оддал и на пороци“,
рече обвинителот.
Тој посочи дека Обвинителството ќе докаже дека таткото бил тој што придонел да се генерира опасната состојба од страна на неговиот син Васил Јованов.
Обвинителот, исто така, кажа дека е факт оти обвинетиот Зоран Јованов претходно немал судир со законот и бил офицер за пример во македонската армија, но оти судскиот процес не е за да се цени и суди неговата професионалност, туку тоа што тој требало или не требало да го направи како родител.
Бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, од друга страна, обвинението го оцени како правно неосновано и најави дека во текот на главната расправа ќе бара детално образложение за правната релевантност на секој поднесен доказ.
Според Дуковски, станува збор за правен преседан, досега незабележан во македонската правна историја бидејќи во случајот се гони татко за дејствија што ги сторил неговиот полнолетен син.
На почетокот на денешното рочиште, Тодор Кулаков, таткото на Фросина Кулаков, упати прашања кон судечкиот совет барајќи судијката Снежана Марковска да се изземен од предметот.
„Редно е да се изаемете од овој предмет, ова е наместено“,
рече Кулаков, по што беше отстранет од судницата.
На неговото однесување и забелешки реагираше и адвокатот Дуковски, кој рече дека ќе го напушти судењето доколку Кулаков повторно му се обрати директно.
Зоран Јованов се гони за кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства откако Обвинителството на претходното рочиште соопшти дека врз основа на новоприбавените докази го измениле обвинителниот предлог кој првично се однесуваше на кривичното дело предизвикување општа опасност.
Обвинителниот предлог против Зоран Јованов беше поднесен откако неговиот син Васил Јованов во јануари годинава, управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во пешакот Фросина Кулакова која почина на самото место.

За прегазувањето на младата девојка, судијката Снежана Марковска, која го судеше и тој предмет, кон средината на мај го прогласи Васил Јованов за виновен и го осуди на казна затвор од 12 години. Станува збор за досега највисока изречена казна од страна на Кривичниот суд за вакво дело.
Два месеци подоцна, Апелацискиот суд Скопје повторно го осуди Васил Јованов на три години и десет месеци затвор за кривичното дело поседување и продажба на дрога откако Врховниот суд претходно поради процесен пропуст ја укина претходната второстепена пресуда и го врати предметот на повторно одлучување.
За делото поседување и продажба на дрога на младиот Јованов му судеше лани лето, пред да се случи сообраќајката во која загина Фросина Кулакова. Првичната пресуда на Основниот кривичен суд беше Јованов да оти во воспитно поправен дом, што беше преиначено од страна на Апелација во затворска казна од три години и десет месеци, за што второстепениот суд одлучуваше во два наврати.