Сведокот рече дека прегледувале снимки, кои ги носел таткото на Вања, но на прашање на обвинителката рече оти не знае од каде биле. За тоа време, таткото Александар Ѓорчевски ѝ велел на мајката да не се секира и дека ќе ја најдат Вања
На денешното рочиште од судскиот процес за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски сведочеше Маја Спироска, прва братучетка на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска.
Таа раскажа за првиот и деновите по исчезнувањето на девојчето.
Рече дека дента околу 11 часот ѝ се јавила Зорица и ѝ кажала дека Вања ја нема. Кажа дека со пријатели пребарувале по кафулиња и други места во потрага по девојчето, а од следниот ден била во домот на Зорица Ѓорчевска за да и даде поддршка. Таму, како што кажа Спировска, имало колеги на Зорица од работа и инспектори.
Сведокот рече дека прегледувале снимки, кои ги носел таткото на Вања, но на прашање на обвинителката рече оти не знае од каде биле. За тоа време, таткото Александар Ѓорчевски ѝ велел на мајката да не се секира и дека ќе ја најдат Вања. Со него, како што кажа, немал некој контакт во тие денови.
„Постојано излегуваше, доаѓаше, беше вознемирен. Едно време ми велеше да пратам порака на Илон Маск за да ја најде преку сателит“,
рече Спировска.
Во врска со пораката што Александар ја пратил во групата за родители во која напишал: „Вратете го девојчето, ќе ви дадам пари“, која потоа ја избришал, Спировска рече дека знае за пораката, но не ја видела. Рече дека видела дека е избришана, а за пораката дознала од родител.
Во врска со снимките, рече дека таткото на Вања прво ги прегледувал сам, а потоа дошло лице со име Гоце. Кажа дека тој го открил возилото „ситроен“ и рекол дека можеби имаат некаков траг.
За станот во кој живеела Вања и од пред чиј влез била грабната, рече дека го купиле родителите на нејзината братучетка, кога тие биле мали и не знаеле многу за тоа.
На прашање од првообвинетиот Љупчо Палевски дали слушнала тогаш за некакви проблеми околу купувањето на станот, Спировска кажа: „Не, тетин ми беше темелен, не знам за никакви проблеми до купувањето на станот”, рече сведокот.
Рочиштето продолжи со сведочења на Лита Ќириќ и нејзиниот сопруг Ѓорѓи Џолев, кој е член на партијата Десна.
Ќириќ сведочеше дека тие, односно таа била сопственик на возилото „рено кангу“ во кое според обвинителството бил Палевски кога била киднапирана Вања. Кажа дека возилото го дале на партијата за селењето на седиштето од Кисела Вода во Центар кај „Веро џамбо“. Потоа возилото останало во партијата.
Џолев зборуваше за неговите активности во партијата, во која имал и функција. Меѓу другото, кажа дека додека партијата била во Кисела Вода видел пиштол во футрола, за кој претпоставил дека бил на Палевски.