„Убиецот Васо и другите тројца кои биле во автомобилот се светци, а загубата на најморбиден можен начин на животот на детето ангел Фросинче е едноставно небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква што е, срамна и тажна за целото општество“, рече Тодор Кулаков по изрекувањето на пресудата против Васил Јованов
Со нескриени огорченост и бес Тодор Кулаков, таткото на 22-годишната Фросина, ја прими пресудата и казната затвор од 12 години што Основниот кривичен суд Скопје денеска му ја изрече на Васил Јованов кој ја прегази младата девојка на пешачки премин во Скопје.

Кулаков ја напушти судницата речиси веднаш откако судијката Снежана Марковска ја соопшти висината на казната што судечкиот совет со кој претседаваше во предметот му ја одреди на Јованов.
По ова во судницата и надвор од неа завладеа тензична атмосфера. Од ходникот се слушаше гласното негодување на таткото и обвинувањата што тој ги искажа кон судот, додека внатре можеше да се слушне тивок плач на дел од семејството и блиските на Фросина Кулакова.
„Судот е мафија“, „Мафија судска“, „Багро судска“ беа обвинувањата што во судот ги искажа Кулаков.
Во еден момент тој им се обрати на родители на Васил Јованов.
„Каде ќе ви оди душата, Господ ќе ве казни“,
им рече тој.
Зборувајќи пред новинарите надвор од судот, Тодор Кулаков изјави дванаесетгодишна казна затвор е награда за, како што кажа, вакво најбрутално можно убиство во сообраќајот.
Тој најави нови протести на кои ќе бараат правда за Фросина, како што стоеше на црната маица што тој и другите членови на неговото семејство и блиските и денеска ги носеа во судот.
„Следните протести ќе треба со црвени раце да го излепиме цел суд, судиите кога ќе излегуваат од судница ќе ги чекаме со црвени, крвави раце да ги излепиме. Само така може да се свести ова судство кое, немам друг збор, ги штити мафијашите“,
рече Кулаков.
Тој изрази сомнеж дека родителите на Васил Јованов однапред ја знаеле висината на казната бидејќи, како што рече, денеска изгледале релаксирано во судницата.
„Ако го обвинувам судот, ќе го кажам она што ми остави прв впечаток кога влегов. Родителите на Васо беа тотално релаксирани, дали тие ја знаеја казната, за разлика од претходното рочиште кога беа просто вкочанети“,
рече таткото на Фросина.
Пресудата на судот ја нарече срамна, бидејќи, како што кажа, во оваа држава дилери на дрога и немилосрдни убијци се прогласувале за светци, спортисти и посветени студенти, посочувајќи притоа на одбраната на Васил Јованов.
„Убиецот Васо и останатите тројца кои биле во автомобилот се светци, а загубата на најморбиден можен начин на животот на детето ангел Фросинче е едноставно небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква што е, срамна и тажна за целото општество“,
рече Тодор Кулаков.
Тој обвини и за корупција, како и за уништување докази од лице кое било на совозачкото седиште во автомобилот со кој Васил Јованов критичната вечер ја прегази Фросина на пешачкиот премин во Скопје.
„Никој не обрати внимание на мноштво од сведоците кои беа прикривани и должни да одговараат пред законот за уништување клучни докази, како совозачот Лорен кој додека се возеле снимал целосна снимка и потоа таа снимка ја брише, а од која многу други работи ќе беа откриени… Така казната ќе беше многу поголема, но и за другите тројца во автомобилот. Каде се тие сега, каде се. Овој систем ги сокри нив. Системот треба да одговара за соучесништво во прикривање на убиство“,
рече Тодор Кулаков.

На крајот од својата изјава пред новинарите тој кажа дека како семејство не исклучуваат своето незадоволство повторно да го искажат пред судовите и пред Судскиот совет, кој, како што рече е трулежот во судството.
„Тие се тие, кои вакви криминалци од судии штитат и ги бранат. Ќе протестираме и ќе бараме оставки и смена на ваквиот корумпиран судско-казнен систем. Многумина на душа ќе ја носат погибијата на детето ангел Фросинче и ваквиот срамен судски епилог, арам да им се парите и сè друго што добиле како компензација и Бог нека им суди и нека им пресуди, ние не се откажуваме“,
рече тој.
По него кратка изјава даде близок на семејството Кулакови кој рече дека бара повторно судење за случајот.