Осомничениот син при претресот во куќата на неговиот дедо, каде престојувал, ја фрлил марихуната во ВЦ школка, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, велат од Обвинителството
Гевгелиското Основно јавно обвинителство донело наредба за спроведување на истражна постапка против татко и син од селото Богородица, поради основано сомневање дека нелегално одгледувале и продавале марихуана.

Како што соопштија утрово од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, двајцата се товарат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
Од Обвинителството информираат дека на 17 декември со судска наредба бил извршен претрес во домот на осомничениот татко каде биде откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, две дигитални ваги и три бонга. Дополнително истражните органи пронашле и шатор со електрична инстралација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за производство на марихуана.
Осомничениот син, кој според Осбвинителството посредувал во купопродажбата на марихуната, дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја продаде, ја однел во куќата на својот дедо каде престојувал.
„Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ школката и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога“,
се наваедува во соопштението од Јавното обвинителство.
Поради околности кои укажуваат дека постои опасност осомничените да се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоци, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија доставил предлог на двајцата да им биде определена мерка куќен притвор. Побарано е и на осомничените да им се одземат пасошите, како дополнителна мерка на претпазливост.
