Тој ги оцени како паушални тврдењата на правниот застапник на М-НАВ, Горан Николоски, кој претходно денеска изјави дека судот правилно утврдил оти ССКЛ нема легитимитет и дека известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) ги отфрли тврдењата на раководството на М-НАВ дека нема правен легитимитет за организирање штрајк, чиешто одржување, најавено за 20. овој месец, беше забрането со судско решение.
Претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски, денеска изјави дека Синдикатот има целосно право да организира штрајк, добиено со овластување од гранковиот синдикат, а целата постапка е спроведена регуларно, за што рече дека постои и соодветна документација.
„Според законот се предвидува дека кој било синдикат вертикално, дали е тоа синдикат на работодавачи, синдикат на гранка или сојузот на синдикати има право да организира штрајк. Од тој аспект и ние имаме комплетно право“,
рече Тасевски.
Тој ги оцени како паушални тврдењата на правниот застапник на М-НАВ, Горан Николоски, кој претходно денеска изјави дека судот правилно утврдил оти ССКЛ нема легитимитет и дека известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос.
Прашан дали ако повторно одат на штрајк во следното известување ќе бидат наведени барањата за заштита од работен однос и постапката за помирување, Тасевски рече дека Синдикатот не може да започне нова постапка за помирување и заштита на права бидејќи веќе има констатирана постапка од помирувач од Министерството за труд и социјална политика.
Како аргумент, тој го наведе извештајот од Трудовиот инспекторат по упадот во М-НАВ во јануари 2024 година, кога Инспекторатот извршил увид и констатирал дека постапката е целосно запазена и оти нема никакви правни пречки.
Во однос на обвинувањата за лични интереси и за тоа дека во известувањето за штрајк недостасуваат барањата, Тасевски посочи дека штрајкот е најавен поради неисполнување на Спогодбата потпишана во 2023 година, која претходно го стави штрајкот во мирување.
Од вкупно девет точки, само три се реализирани, додека шест не се, вели претседателот на Синдикатот. Во известувањето за последниот најавен штрајк јасно било наведено барањето за спроведување на сите преостанати точки од Спогодбата.
Клучни барања, како што велат од ССКЛ, се ангажирање консултантска фирма за функционална анализа на претпријатието, вработување на стручни, а не партиски кадри, подобри услови за работа.
ССКЛ минатата недела најави дека ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд за времена мерка и ќе побара предметот да биде вратен на рочиште за да ја изложи својата одбрана.
Денеска Горан Николоски, овластен застапник на М-НАВ А.Д. рече дека наводите во решението на Граѓанскиот суд за забрана на штрајкот што на 20. месецов го најави Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) се апсолутно вистинити и законски основани. Решението е донесено од искусен судија кој има оставено белег во судот, рече Николоски.
Барањето за забрана на штрајк, како што посочи тој, се однесува за точно најавен штрајк, со точно определени датуми и планови и програми за дејствување.