Многу често луѓето што се обучени не остануваат на функциите поради некакви други причини или, пак, не даваат никаков резултат од тоа што го научиле повторно од некакви причини. Сега треба да се види што се случува и зошто сето она што е вложено и направено досега не дало резултати
Го имаме проблемот во политизација на институциите и партизацијата. Луѓето што знаат и можат не се на позициите каде што треба да бидат затоа што таму се ставаат подобни и погодни лица кои се блиски до некои кругови, а не оние што најдобро можат да ја завршат работата. Тоа ни е проблемот по кој сега треба да ги вложиме сите сили да ги надминеме, изјави Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ по Регионалната конференција за борба против корупцијата која беше организира во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на владата на Велика Британија и Регионалната антикорупциска иницијатива.
На прашањето кој е нејзиниот коментар за потсетувањето од американската амбасада дека се вложени многу средства за јакнење на капацитетите на обвинителите и на судиите, Тасева вели дека добро е што конечно се повикаа на фактот дека многу е вложено во техничка поддршка.
„Од 2000 година наваму добиваме техничка поддршка. Посебно САД помагаа во јакнење на капацитетите на обвинителите и на судиите со обуки, со посети во други држави, меѓутоа сега конечно се сетија и тие да се бара отчет, одговор и резултат, не само да се даваат средства. Многу често луѓето што се обучени не остануваат на функциите поради некакви други причини или, пак, не даваат никаков резултат од тоа што го научиле повторно од некакви причини. Сега треба да се види што се случува и зошто сето она што е вложено и направено досега не дало резултати“,
додаде Тасева.
Претседателката на „Транспаренси интернешнл“ се осврна и на борбата со корупцијата. Таа вели дека следењето на нелегалните финансиски трансакции е еден мултилатерален договор, неформален и неофицијален, што го потпишаа и се согласија да го поддржат државите од Западен Балкан, кој содржи конкретни мерки за борба против корупцијата, посебно при јавните набавки и активности кои државите треба да ги спроведат за следење на нелегалните финансиски трансакции и подобрување на конфискациите.
Според неа, особено се значајни мерките кои значат регионална соработка, затоа што криминалот и корупцијата стануваат транснационални, фондовите сѐ повеќе се одлеваат преку границите од државите и одат надвор, но и луѓето што живеат во овој регион многу често имаат или двојни државјанства или врски со луѓе кои живеат во регионот.
„Затоа е неопходно да се поврзат сите институции што дејствуваат во борбата против корупцијата и перењето пари со тоа што ќе можат и меѓусебно да ги разменуваат информациите, вклучително и информациите за имотните состојби, информациите за поседување на различен имот, кога е потребно за одредени лица или за финансиски трансфери што се однесуваат на лица кои имаат и двојни државјанства, формираат компании и многу често можат да го прикријат имотот и своите трансакции во рамки на регионот“,
рече Тасева.
Целта на денешната конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот во контекст на Берлинскиот процес. Покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваа и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот.