„Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори. Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет“, вели Таравари за ТВ 21, коментирајќи ја денешната изјава на премиерот Мицкоски
Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците кое, засега, е дел од власта, Арбен Таравари, коментирајќи ја денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, вели дека тој (премиерот) изминатиот период бил под голем притисок и оти му е жал што станал жртва на некои „уверувања“.

Затоа, вели Таравари во изјава за ТВ 21, лично ќе разговара со Мицкоски за да му ги објасни подобро работите околу одлуката на неговото крило на Алијанса за настап на локалните избори во октомври со самостојни листи на советници.
„Премиерот Мицкоски во последно време беше и е под голем притисок поради неколку работи и жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие ‘уверувања’. Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори. Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет. Сепак, ќе разговарам лично со г. Мицкоски за јасно и точно да му кажам за нашата одлука“,
вели Таравари.
Премиерот Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања во скопско Инџиково, рече дека не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција, особено што заминува, како што рече, во прегратките на Али Ахмети и ДУИ.
Мицкоски рече дека тоа е сепак одлука на Таравари и на малкумина околу него, а не одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето што се дел од владата.
„Чесно беше и доблесно тоа самиот да го направи, да не је влече за нос владата и граѓаните, но ете, полека но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние коишто повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа, ја ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена и тоа важи за сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби или останати“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека неделава ќе има последна средба со Таравари или, како што кажа, завршно кафе со него, на која ќе го сумираат тоа што е направено досега и ќе му посака добро здравје.
„А, се разбира, потоа очекувам понатаму, бидејќи владата е стабилна, цврста и има силно мнозинство во парламентот, таа да продолжи со реформскиот процес, со проектите и со испорачување кон граѓаните, бидејќи тоа е она што граѓаните го очекуваат од нас“,
кажа Мицкоски.