Ставот на Алијанса за Албанците на доскорешниот министер за здравство, а сега опозиционер, е реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарско прашање до каде е законот за правична застапеност чие носење се најавува неколку месеци, но во меѓувреме ништо не се случува, вчера рече дека тој е готов и оти се очекува да помине на некоја од следните седници на Владата, а потоа ќе биде испратен во Венецијанската комисија, пред да биде ставен во собраниска процедура
Крилото на Алијанса за Албанците на чие чело е доскорешниот министер за здравство Арбен Таравари и кое од неодамна е во опозиција вели дека е загрижено од долготрајниот процес на изготвување и усвојување на законот за правична и соодветна застапеност во државните и јавните институции, што треба да го замени т.н. „балансер“.

Ова од Алијанса на Таравари го соопштија денеска, како реакција на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека законот за правична застапеност првин ќе помине на Влада, а потоа ќе биде испратен за мислење до Венецијанската комисија, пред да се најде во собраниска процедура.
Од крилото на Алијанса, пак, сметаат дека процесот треба да оди поинаку, односно законот првин да се донесе во Собранието, а потоа да биде испратен на мислење во Венецијанската комисија, бидејќи во спротивно процесот на негово носење само би се одолговлекувал.
„Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека законот прво ќе помине низ Владата, а потоа ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија, пред да се изгласа во Собранието, предизвикува длабока загриженост за намерните одложувања и тактиките на блокирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините владини партнери од коалицијата ВЛЕН, кои или не ја разбираат важноста на ова прашање, или се заслепени од жедта за моќ“,
се вели во соопштението од доскорешниот партнер на коалицијата ВЛЕН.
Како пример дека испраќањето на законот во Венецијанската комисија пред да биде донесен во Собранието ќе го одолговлечи процесот, тие го посочуваат случајот со Законот за употреба на јазиците.
„Овој закон беше испратен до Венецијанската комисија на 22 јануари 2019 година, а пријателското мислење беше вратено дури на 4 мај 2025 година – по цели шест години чекање. Покрај тоа, за разлика од законот што беше усвоен во Собранието, а потоа подложен на меѓународна евалуација, во сегашниот случај Владата се обидува да го испрати законот за правична и соодветна застапеност до Венецијанската комисија без парламентарно одобрување. Ова е опасна практика што може да создаде правен вакуум, во време кога на земјата ѝ се потребни јасни гаранции за правична застапеност на сите заедници“,
додаваат од Алијанса за Албанците на Таравари.
Оттаму велат дека по одлуката на Уставниот суд да го укине т.н. „балансер“, земјата се наоѓа во правен вакуум, кој, според партијата, сериозно се злоупотребува.
„Сегашните практики за вработување, каде што во многу конкурси резултатот е 20 спрема 0 на штета на албанските граѓани, се јасен показател за кршење на начелата на Охридскиот договор и сериозно ја загрозуваат меѓуетничката хармонија. Алијансата за Албанците силно настојува Законот за правична и соодветна застапеност прво да биде усвоен во Собранието, а дури потоа да биде испратен на мислење до Венецијанската комисија. Само на овој начин може да се избегнат бесконечните одложувања, да се заштити граѓанската еднаквост и да се спречи политичка злоупотреба на вработувањата во државната администрација“,
велат од партијата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање до каде е законот за правична застапеност чие носење се најавува неколку месеци, но во меѓувреме ништо не се случува, рече дека тој е готов и оти се очекува да помине на некоја од следните седници на Владата, а потоа ќе биде испратен во Венецијанската комисија.

„Ќе чекаме мислење од Венецијанската комисија и да видиме ако сме направиле нешто добро, тогаш веднаш го пуштаме во собраниска процедура. Многу внимававме, многу се консултиравме со уставни експерти затоа што има политички партии кои ако не се занимаваат со некрофилија, тогаш се занимаваат со национализам. Не ни е потребна поделба сега, кога го обединуваме општеството и затоа не сакаме да им даваме тема. Мислам дека за многу скоро од денеска ќе го добиеме мислењето и од Венецијанската комисија и овој закон ќе биде во рамките на собраниската процедура. Тоа е уставна категорија и мора да се почитува, исто како што е уставна категорија дека официјален јазик е македонскиот и кирилското писмо, а заедниците коишто се повеќе од 20 проценти, во случајот Албанците, на централно ниво може да си го користат албанскиот јазик како службен јазик. Многу јасен и многу прецизен е Уставот и мора така да го читаме и така да го почитуваме“,
рече Мицкоски.
Изготвувањето нов закон за соодветна и правична застапеност беше најавено од претставници на ВЛЕН откако Уставниот суд во октомври минатата година ја укина алатката за вработување во јавните институции наречена „балансер“.