Од Министерството за здравство велат дека стојат на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност

Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Ова е дел од реакцијата на Алијанса за Албанците (АА) на Арбен Таравари по денешното приведување на директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ Скопје кој на функцијата е назначен како кадар на оваа партија.
Во реакцијата од АА, испратена попладнево, бараат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со овој случај.
„Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности. АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“,
се вели во реакцијата од Алијанса за Албанците.
Оттаму нагласуваат дека партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата.
Реакција за приведувањето на директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи има и од Министерството за здравство со кое раководи токму Тарвари.
И од Здравство бараат расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“,
се вели во соопштението од министерството.
Денеска од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека во координирана акција со Министерството за внатрешни работи (МВР) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството посочија дека се постапува за целосно расчистување за настанот, не изнесувајќи повеќе детали.