Коментирајќи го процесот на евроинтеграција на земјава и уставните измени, Таравари посочи дека го радува фактот што премиерот има коректни односи со земјите од Европската Унија и одлични односи со САД
Премиерот Христијан Мицкоски не поставува никакви услови кон Европската Унија, туку бара гаранции од Брисел и Вашингтон, изјави вечерва во емисијата Клик плус на ТВ 21, лидерот на Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари.
Коментирајќи го процесот на евроинтеграција на земјава и уставните измени, Таравари посочи дека го радува фактот што премиерот има коректни односи со земјите од Европската Унија и одлични односи со САД.

„Што се однесува до европските интеграции, првиот договор беше токму интеграцијата на Македонија. Мене ме радува фактот што господинот Мицкоски има одлични односи со САД, и тоа сите го знаат. Исто така има коректни односи со земјите од Европската Унија. Единствениот проблем е што господинот Мицкоски бара некаква гаранција дека ова ќе биде последниот услов. Ако може да се најде решение за таа гаранција, која треба да ја дадат Брисел или Вашингтон… Мицкоски вели: ‘Да ги направиме уставните измени, бидејќи ги имаме бројките, но нивната примена да биде откако ќе станеме членка на ЕУ, затоа што тогаш веќе нема да може Македонија да се условува’“,
изјави Таравари.
Претходно денеска, во изјава за МИА, лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека стои на располагање да се усвојат уставните измени и земјава да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ.
„Лично преземам целосна одговорност, па дури и по цена на мојата политичка кариера, за да ги направиме уставните измени и да ги отвориме преговарачките поглавја со Европската Унија и доколку Владата смета дека тоа може да го искористи, јас стојам на располагање“,
изјави Филипче во Брисел, каде што денеска учествуваше на конференцијата во организација на Програмата „Вили Брант“ за проширување на ЕУ на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).