„Сега можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции по автоматизам да им следи на Албаниците, како втор мнозински народ во Македонија“, вели претседателскиот кандидат од Алијанса за Албанците
Мојата претседателска платформа ќе се гради токму околу зајакнувањето на консензуалната демократија, во линија на мислата на Арбен Џафери, рече вечерва на вонредна прес-конференција во Тетово, Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар, актуелниот претседател на Алијанса за Албанците и претседателски кандидат поддржан од оваа партија на претстојните избори.

„Влегов во овој натпревар со поголеми цели. Мојата цел и онаа на моите партнери е двојна, прво, имаме намера за првпат албанскиот кандидат да влезе во вториот круг на претседателските избори, а второ сакаме да ја отвориме големата дебата за функцијата претседател во нашиот политички систем“,
вели Таравари.
Според него, Северна Македонија е парламентарна република, а не претседателска или полупретседателска република. Покрај тоа, Таравари вели дека целиот наш политички и уставен систем е изграден по моделот на консензуална демократија меѓу двете најголеми националности, а тоа е санкционирано со воведувањето на Охридскиот договор во Уставот.
„Затоа, мојата претседателска платформа ќе се гради токму околу зајакнувањето на консензуалната демократија, во линија на мислата на Арбен Џафери. Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи, како внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот, отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик и изборот на претседател да се прави во Собрание, а не повеќе преку избори“,
вели тој.
Според него, ова е големата вест, зашто на овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции.
„Ги повикувам Албанците и ДУИ, која сѐ уште се двоуми кого да кандидира и која во минатото поддржувала и македонски кандидат за претседател, повикувајќи се на консензуализам, да ја поддржат мојата визија и мојата кандидатура“,
вели Таравари.
Вели дека сега е можноста заедно да ја зајакнат консензуалната демократија на уставен начин.
„Сега можеме да обезбедиме една од трите главни државни функции по автоматизам да им следи на Албаниците, како втор мнозински народ во Македонија“,
рече тој.
На 16 февруари делегатите присуствуваа на вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците, што го свика актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари, а за неполн час едногласно ја потврдија неговата кандитатура за претседател на државата и ги поништија одлуките што пред речиси една недела ги донесе партиското собрание на чело со Зијадин Села.
„На овој вонреден конгрес имаше три главни точки – како прво усвојување на кандидатурата на претседателот на партијата Арбен Таравари, второ укинување на одлуките на собранието на партијата кое се одржа на 10 февруари 2024 година и на крај измени и дополнувања на статутот на партијата. Вреди да се спомене дека трите точки беа изгласани со 421 глас, освен првата точка која беше изгласана со 420 гласови, само еден беше воздржан“,
соопштија тогаш од Алијанса за Албанците.