Тој во изјавата за медиумите денеска во Тетово само кратко рече дека остануваат на одлуката донесена од Централното претседателство на локалните избори да одат со посебни советнички листи и дека ќе го слушне ставот на премиерот по што како партија ќе проценат како ќе продолжат понатаму
Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, кое е дел од власта, Арбен Таравари, не очекува, како што вели, ништо посебно од денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски.

Таравари, кој денеска беше во Тетово, не изнесе повеќе детали во пресрет на средбата која е закажана во 17 часот во Владата.
Тој во изјавата за медиумите само кратко рече дека остануваат на одлуката донесена од Централното претседателство на локалните избори да одат со посебни советнички листи и дека ќе го слушне ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.
„Денеска имаме состанок со премиерот Мицкоски, ништо посебно. Ние тоа што сме го поминале на Централното претседателство е дека Алијанса за Албанците ќе има сопствени советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде што излегуваме. Така што ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме и оцениме како продолжуваме понатаму“,
рече Таравари, кој денеска присуствуваше на тестирањето на приватните специјализанти на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово.
За разлика од него, премиерот Мицкоски кој денеска од Штип потврди дека средбата ќе биде во 17 часот во Владата, беше поопширен во одговорот на прашањето поврзано со состанокот, велејќи дека сака да слушне како Таравари размислува за последните случувања поврзани со неговото политичко дејствување.
Во таа насока премиерот кажа дека министерот за здравство и лидер на едно од двете крила на Алијанса за Албанците има две опции пред себе и на средбата, како што рече, би сакал да слушне која е прифатлива за него, бидејќи, како што додаде, трета нема.
„Едната опција е оваа, којашто ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ги клекна државата и граѓаните. И тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од г. Таравари која опција е за него бидејќи јас не гледам трета опција“,
изјави премиерот.
Говорејќи за неговите лични односи со Таравари, рече дека за него како човек има позитивно мислење, но, како што додаде, во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш и дека заткулисните игри се провидни игри кои лесно се идентификуваат и препознаваат.
„И најчесто ваквите заткулисни игри им се удираат од глава на оние што ги прават“,
кажа тој.

Премиерот додаде дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство, како и дека во животот никого не молел ниту, пак, има намера некого да моли.
Во реакција на вчерашната изјава на премиерот, во која ја најави денешната средба со Таравари, од ДУИ изразија загриженост поради, како што ги нарекоа, континуираните обиди на Мицкоски да се наметне како тутор на албанската политичка сцена во земјава.
Според ДУИ, тоа претставува опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи.
Таравари, пак, во објава на социјалните мрежи вчера напиша дека тие не се ниту такси превоз ниту чамец за спасување на имиња и презимиња, туку дека работата во интерес на народот и оти не прават никакви потези за задоволство или гнев на некого.