Тој рече и дека смета оти сега кога Алтернатива влегува во централната власт, Алијанса за Албанците треба да ги добие директорските места на локално ниво во Скопје, каде победи Данела Арсовска, поддржана од нивата коалиција и од ВМРО-ДПМНЕ
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека му е тешко што нивниот досегашен коалициски партнер Алтернатива станала дел од Владата и дека ќе било подобро да биле заедно.
„Жал ми е. Имавме супер соработка со Алтернатива. Ако ме прашате дали ми е тешко што не сме веќе заедно, ќе кажам ’да‘, тешко ми е. И жал ми е што е така. Ќе беше подобро да бевме заедно, да имавме 12 пратеници и заедно да се бориме да ги симнеме ДУИ од Владата. Но тоа е одлука на Алтернатива. Нека продолжат така. Нека им е со среќа“,
рече Таравари.
Тој исто така коментираше и дека сега кога Алтернатива, со која настапуваа како опозициска коалиција и на последните локални избори, влегува во централната власт, Алијанса за Албанците треба да ги добие директорските места на локално ниво во Скопје, каде победи Данела Арсовска, поддржана од нивата коалиција и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Алтернатива се сега дел од централната власт. Тие ќе раководат со сериозни ресори и директорски позиции. Што се однесува до директорските места на локално ниво во Скопје, сметам и мислам дека треба да припаднат на Алијанса за Албанците. Но, да почекаме уште малку. Се надевам дека ќе имаме преговори наредните денови и ќе решиме што понатаму“,
рече Таравари во „Клик плус“.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев го соопштија договорот што го постигнале за влез на партијата во владејачката коалиција. Според договорот, Алтернатива во новата Влада ќе предложи три министри: за здравство, за информатичко општество и администрација и министер без ресор задолжен за дијаспора. Исто така, Алтернатива ќе назначи и три заменици-министри, а ќе преземе одговорност и во менаџирањето на повеќе институции меѓу кои: МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.
Вечерва за договорот Заев ги информираше и коалициските партнери од кои Тито Петковски од НСДП рече дека Алтернатива го искористила моментот и политички профитирала од ситуацијата.