Според Таравари, за модуларната болница кај Инфективна клиника имало владина одлука таа да биде преземена од Министерството за одбрана, но оти се размислува и во друга насока

Модуларната болница што се наоѓа кај Инфективната клиника во Скопје би можела да биде пренесена во кругот на затворот „Идризово“. Оваа идеја денеска во изјава за медиумите ја пренесе министерот за здравство Арбен Таравари велејќи дека се размислува на овој потег со оглед на тоа што затворот „Идризово“ има потреба од амбуланта.
Според Таравари, за модуларната болница кај Инфективна клиника имало владина одлука таа да биде преземена од Министерството за одбрана, но оти се размислува и во друга насока.
„За модуларната болница на Инфективна клиника веќе има одлука на Влада со која таа болница треба да ја преземе Министерството за одбрана. Меѓутоа има и друга идеја бидејќи треба болница во затворот во Идризово. Сега сме во дилема дали таа модуларна болница да ја пренесеме таму за да служи како амбуланта во затворот“,
рече денеска Таравари, при посетата на Клиничката болница Штип.
Таравари вели дека треба рационално да се размисли и да се искористи модуларната болница каде што има потреба и додава дека тоа треба да е случај и со ваквиот објект во Штип кој е во функција од март 2021 година.
Модуларните болници, со одлука на Министерството за здравство, беа изградени за време на ковид-пандемијата во 16 градови низ државата.