„Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20-30 години и во пакет да ги решиме, зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има и веќе да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата“, изјави министерот за здравство
Подготвени сме да разговараме за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на државниот грб.
Како што изјави Таравари, Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чијшто грб не е сменет.
„Коалицијата ‘Вреди’ е подготвена да разговара за сѐ. За жал, во минатиот период повеќе, така да речам, осетливи теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20-30 години и во пакет да ги решиме, зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има и веќе да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата… Тоа ги интересира граѓаните, подобри плати, подобар живот“,
истакна Таравари.
На прашањето што треба да стои на грбот, Таравари одговори дека во „Вреди“ се уште не ја отвориле оваа тема.
И коалицискиот партнер на Тараври, градоначалникот на Тетово и претседател на движењето Беса, Билал Касами, вчера изјави дека поддржува секакви промени на Уставот, кои, како што рече, предвидуваат менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.
„Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе се рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија. Ние сме подготвени да разговараме за предлог-пакет каде што секако ќе се разгледува амблемот (државниот грб), прашањето за химната, но и прашањето за други уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“,
изјави Касами.
Коментирајќи на темата, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција рече дека доколку има иницијатива за промена на државниот грб, тие најостро ќе се спротивстават.
„Сметаме дека државниот грб, сосема соодветно, прво хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна, а нема никаква поделба во однос на етничките групи“,
рече лидерот на СДСМ.
Според Филипче, првата дилема што се поставува е дали можеби внатре во коалицијата со „Вреди“, покрај за измена на државниот грб, не се разговара и за измена на химната.
Идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог.
Предложеното решение тогаш беше за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.
Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.