„Несогласување немаме. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Така што засега почнавме како иницијатива од четири општини и се надевам дека понатаму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Македонија“, вели Таравари
Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека нема несогласување во владејачката коалиција по идејата за формирање „Албанска академија на науки и уметностите“.
Според Таравари, идејата за формирање на „Албанска академија на науки и уметностите“ била нивна програмска определба уште во кампањата пред претседателските и парламентарните избори.
Таравари вели дека идејата ја почнале како иницијатива од четири општини и се надева дека понатаму ќе се изнајде решение кое би било прифатливо за сите.
„Несогласување немаме. Секогаш идеите што се за наука и уметност мислам дека се добри и убави. Така што засега почнавме како иницијатива од четири општини и се надевам дека понатаму ќе изнајдеме решение кое би било прифатливо за сите што живееме во Македонија“,
рече Таравари денеска одговарајќи на новинарски прашања од мобилната единица на плоштадот „Македонија“ од каде што почна национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг на болести на црниот дроб.
Таравари вели дека се согласува со вчерашната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не треба да се етнизира.
„Никогаш науката не се етнизира, тамам работа, не ја етнизираме. Ние имаме повеќе Универзитети, ќе имаме повеќе институции што се занимаваат со наука и уметност и да ги развиеме овие институции што повеќе и да ги поддржуваме. Да дадеме максимум сите од себе што повеќе науката и уметноста на сите етнички заедници што живеат во Македонија да се развива што поубаво и подобро“,
додаде Таравари.
Својот став денеска го повторија од коалицијата „Вреди“ од каде што рекоа целта на оваа идеја е интеграција на албанските интелектуалци внатре во државата, а не двоење, сегрегирање или правење паралелизам бидејќи, како што вели, предолг период Албанците наидуваат на затворени врати од Македонската академија на наука и уметност (МАНУ).
Во однос на негодувањата на коалициските партнери, рекоа дека реакции може да има секогаш, но дека тие не отстапуваат од предизборното ветување и залагањето да албанските гласачи бидат задоволни од нивното владеење.
Лидерите на коалицијата „Вреди“ викендов од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“.
Општинското финансирање, како што велат од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.
„360 Степени“ вчера објави дека од регистрациските податоци за правниот субјект поднесени во Централниот регистар може да се види дека станува збор за здружение на граѓани кое е основано на 15.2.2022 година. Вистинското име му е поинакво од она што беше претставено на средбата со „Вреди“ и гласи „Академско здружение за наука и уметност на Албанците“, а не „Албанска академија на науките и уметностите“.
Владините коалициони партнери на „Вреди“, ВМРО-ДПМНЕ вчера преку писменото соопштение изјавија дека Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност.
Политизирањето на науката, како што велат, може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет.
Во него се додава дека како критериум за членството во една академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
Реакција пристигна и од лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, чија партија исто така е дел од владината коалиција. Според него, станува збор за постизборен популизам кај партнерот „Вреди“ за кои рече дека треба да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја, како што вели, и политичката корупција. За тоа, според Димитриевски, потребна е и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки.
Реакција вчера стигна и од Демократската унија за интеграција (ДУИ) од каде рекоа дека иницијативата на лидерите од коалицијата „Вреди“ за општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците.
Од ДУИ рекоа дека „Вреди“ требало да го преземе управувањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а не, како што велат, да дојдат до „големата општинска идеја“.
Свој став во однос на ова прашање изнесе и академикот Владо Камбовски, кој во гостување на ТВ 24 рече дека таква структура е невозможно да постои во една држава, во која веќе постои МАНУ.