Кога ќе дојде моментот да потпаднам под притисоци, тогаш нема да се занимавам со политика. Да бидете сигурни, само човек кој е апсолутно чист може да оди во опозиција, без да му трепне око, вели лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари

За локални избори се можни секакви комбинации, вели лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој од власт замина во опозиција и на претстојните локални избори ќе соработува со доскорешните ривали – Али Ахмети и Зијадин Села.
Очекува наесен заедно со Европскиот фронт во албанскиот блок да освојат повеќе од два спрема еден гласови во споредба со Влен и вели дека доколку соодносот е помал воопшто нема да има потреба и логика да се бараат предвремени парламентарни избори.
Тврди дека шпекулации се сите информации за притисоци за евентуална соработка со кого било.
„Кога ќе дојде моментот да попаднам под притисоци, тогаш нема да се занимавам со политика. Да бидете сигурни, само човек кој е апсолутен чист може да оди во опозиција без да му трепне око“,
уверува Таравари.
Првиот човек на Алијанса за Албанците вели дека партијата е стабилна и покрај тоа што дел од неговите сопартијци останаа во Влада.
„Дел од функционерите, околу 15-20, останаа во Владата и веќе се дел од Влен и јас им посакувам успех. Во структурите на паартијата нема некои сериозни оштетувања. Ние сме биле најголемите политички противници на господинот Ахмети и сега се одлучивме да имавме соработка и меѓусебна поддршка во неколку општини. Во одредени специфични моменти, во политиката може да се направат атипични коалиции. 1998 година, најголеми ривали тогаш беа ДПА и Партијата за демократски просперитет и тогаш се случи коалиција, тие партии излегоа со заеднички листи. Сега се работи за локални избори, Алијанса за Албанците сметаше дека во Владата, посебно Влен не функционира како што треба, беше проект кој не беше одржлив. Од друга страна ВМРО тоа го искористуваше и ние почнавме да губиме од својот кредибилитет и подобро беше да одиме во опозиција. Нормално е кога си во опозиција да има некаква соработка со други опозициски партии, така што, да, овие избори ќе соработуваме со ДУИ“,
додаде тој во интервју за Канал 5 телевизија.
Претходно, Таравари соопшти дека АА наесен ќе трча со четворица кандидати за градоначалници и тоа во Гостивар, Сарај, Теарце и Врапчиште. Тој откри и зошто повторно не е кандидат за Гостивар.
„Еден актуелен градоначалник викаше ‘еден мандат е малку, а два се многу’. Јас се кандидирав 2017, 2021 година – убедливи победи и веќе Алијанса за Албанците промовира нова генерација на политичари, коишто можеби се многу подoбри од нас. Така што, кандидатот за Гостивар, доктор Валбон Лимани, фантастичен е, раководи со Гостивар една година многу подобро од мене. Зошто да го смениме, може само да го поддржиме“,
рече Таравари кој вели дека воопшто не бил во игра за кандидатура.