По денешниот развој на настаните во парламентот, се огласи и генералниот секретар на Алијансата за Албанците, кој, практично, во име на неговата партија ги предводеше преговорите за обезбедување мнозинство за рушење на Владата
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, кој во име на неговата партија, практично, ги водеше преговорите за обезбедување мнозинство за изгласување недоверба на Владата, се огласи на својот профил на Фејсбук со порака дека „доаѓа крајот на режимот“.
„На режимот му доаѓа крај. Враќање назад нема“,
напиша Таравари неколку часа по почетокот на денешната собраниска седница на која опозицијата нема кворум за усвојување на дневниот ред.
Инаку, откако пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, оневозможи кворум на седницата за гласање недоверба на Владата, се огласи и генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој порачува дека продолжува соработката со опозициските партии Алијанса за Албанците и Алтернатива.