Таравари чувствува одговорност поради тоа што неговата партија имала соработка со ВМРО-ДПМНЕ, кога ја поддржа кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник

Приватните превозници, кои неколку дена протестираат и ги блокираат крстосниците во Скопје, денеска добија поддршка од партијата Алијанса за Албанците. Според в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, неопходно е да се изнајде решение за овој проблем и смета дека Владата треба посериозно да се ангажира бидејќи се работи за повеќе од 500 семејства кои неколку дена протестираат.
„Загрижени сме за состојбата. Се работи за повеќе од 500 семејства кои неколку дена протестираат со блокирање на улици. Ова не е решение. Блокиран е главниот град на државата. Ме загрижува тоа што градоначалничката воопшто не комуницира со нив, а треба и мора да се изнајде решение. Јас се согласувам со еден предлог што го дадоа, евентуално и да и се одземат ингеренции и Владата да се ангажира малку сериозно во овој правец. Нема смисла пет месеци да не се исплатат и да се дојде до вакво дереџе да не се седне и да не се разговара со нив“,
изјави Таравари кој денеска се сретна со приватните превозници.
Тој посочи оти чувствува одговорност поради тоа што имале соработка со ВМРО-ДПМНЕ, партија која ја поддржа кандидатурата на Данела Арсовска за градоначалник и додаде дека со Арсовска немаат комуникација уште од јуни оваа година.
„Искрено, и јас чувствувам некаква одговорност бидејќи и ние имавме соработка со ВМРО-ДПМНЕ, ние не ја познававме Арсовска. Таа беше независен кандидат што доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа нас нè поддржаа во Чаир, Тетово, Гостивар и Струга. Но, ова што се случува, ова е катастрофално. Таа е сега во коалиција јавна или тајна со ДУИ, има веќе назначено два директори од ДУИ“,
додаде Таравари.