Сè уште е неизвесно дали со заминувањето на Таравари од власта ќе се испразни и вицепремиерското место за добро владеење, со кое раководи Арбен Фетаи, кадар на Алијанса за Албанците

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека ќе си поднесе оставка од функцијата, како резултат на одлуката крилото од Алијанса за Албанците со кое тој раководи да ја напушти владината коалиција и да замине во опозиција, донесена во понеделникот.
За функционерите што се поставени во институциите, а кои се дел од Алијанса за Албанците, вели дека очекува да бидат разрешени.
„Јас поднесувам оставка, другите ќе бидат разрешени“,
вели Таравари во изјава за МИА.
Сè уште е неизвесно дали со заминувањето на Таравари од власта ќе се испразни и вицепремиерското место за добро владеење, со кое раководи Арбен Фетаи, кадар на Алијанса за Албанците.
Фетаи вчера, во изјава за „360 степени“, даде неодреден одговор за тоа дали заминува од Владата, велејќи оти сега не може да коментира.
Кој ќе го замени Таравари на министерската функција сè уште не познато, како и дали тоа ќе биде кадар од коалицијата ВЛЕН, во која до скоро партиципираше и Алијанса за Албанците или, пак, позицијата ќе припадне кај ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да биде познат ликот на Владата без претставниците на Алијанса за Албанците.
Во периодот што следува многу работи ќе бидат појасни, така што, да бидеме трпеливи и да разговараме, беше одговорот на Мицкоски на прашањето дали сите функционери од Алијанса на Таравари си заминуваат или постојат некои кои ќе продолжат да дејствуваат во власта.
Досегашниот коалициски партнер на Таравари од ВЛЕН, лидерот на движењето Беса, Биљал Касами, вели дека ресорот здравство, кој досега го водеше Арбен Таравари, останува да го води кадар на ВЛЕН, што важи и за другите позиции кои досега ги имаше оваа коалиција.
Вчера од Владата рекоа дека нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министрите.