„Филипче ми пиша порака минатата недела, но јас не можев да се видам со него. Но, деновиве сигурно ќе се видам. Исто важи и за Мицкоски. Со него оставивме да се видиме и тоа ќе биде кафе за до гледање“, рече лидерот на дел од АА
Најави дека ќе заминат од Владата во моментот кога ќе бидат избрани нови членови и заменици во Владата
Алијанса за Албанците (АА) денеска едногласно одлучи да оди во опозиција, соопшти вечерва на прес-конференција од седиштето на партијата во Тетово, претседателот на крилото на дел од АА и министер за здравство, Арбен Таравари.

„На состанокот на претседателите на ограноците и на многу функционири на Алијанса за Албанците констатиравме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после 20 години. И затоа сме многу горди“,
рече тој.
Сепак, додаде и дека не ги испорачале промените што ги ветиле и затоа секојдневно биле критикувани од граѓаните.
„Затоа, одлучивме да се вратиме кај граѓаните. Да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори“,
вели Таравари.
Според него, иако имаат сопствени советнички листи, со коалицијата ВЛЕН околу шест недели се обидувале да изнајдат начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници, но во тоа не успеале.
„Констатиравме дека доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, нема што да бараме таму. Подобро е да бидеме надвор, да се вратиме кај граѓаните, да го слушнеме нивниот глас“,
кажа лидерот на АА.
Посочи дека постои огромно незадоволство кај Албанците за тоа како владее коалицијата ВЛЕН во оваа влада, потенцирајќи го носењето на законот за балансерот, за третманот на Албанците во институциите, како и европскиот пат на Македонија.
На состанокот на дел од Алијанса за Албанците на Таравари не присуствуваше вицепремиерот Арбен Фетаи, за кого рече дека е оправдано отсутен, односно дека е на пат, како и еден од пратениците, за кого додаде оти морал да замине за Струга поради семејни проблеми.
На новинарско прашање, дали соработуваат со Демократската унија за интеграција (ДУИ), Таравари одговори дека немаат никаква соработка со ниту една политичка партија.
„Сме кажале дека сме имале комуникација со ДУИ, но нема никаков договор. Но, сега кога одиме во опозиција нормално е дека поради демографскиот состав на општините да соработуваме со опозициски, па некаде и со позициска партија со која ќе можеме да најдеме некој заеднички јазик“,
рече тој.
Најави дека следните денови ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и со лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче.
„Филипче ми пиша порака минатата недела, но јас не можев да се видам со него. Но, деновиве сигурно ќе се видам. Исто важи и за Мицкоски. Со него оставивме да се видиме и тоа ќе биде кафе за догледање“,
кажа тој.
Според него, тие секако се во оставка и дека ќе заминат од Владата во моментот кога ќе бидат избрани нови членови и заменици во Владата.
Турбуленциите ги предизвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН кога донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи.
Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.