Министерот вчера потврди дека 14-месечното бебе претходно било одбиено да се хоспитализира, но посочи дека без разлика каков ќе биде исходот од истрагата на инспекцијата треба да има одговорност за случајот
Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) од утрово се на терен и вршат инспекциски надзор на Детската клиника во Скопје и на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари коментирајќи го случајот со 14-месечното бебе што завчера почина на Детската клиника во Скопје, каде што било хоспитализирано со тешка респираторна инфекција.

„Утрово имав состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Нивните екипи веќе се на терен. Фирмирана е и комисија што ќе ги испита сите факти и аргументи за случајот“,
рече тој во изјава за медиумите по повод Денот на органодарителството.
Посочи дека инспекции се вршат и во двете болници каде што било прегледувано и примено бебето.
Министерот вчера потврди дека 14-месечното бебе претходно било одбиено да се хоспитализира, но посочи дека без разлика каков ќе биде исходот од истрагата на инспекцијата треба да има одговорност за случајот.
Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Кирил Лазов, завчера изјави дека ДЗСИ ќе направи вонреден инспекциски надзор во сите установи каде што било лекувано 14-месечното бебе, за да се утврди вистинитоста во однос на тоа дали имало евентуални пропусти во неговото лекување.
Бебето почина на 5 октомври на Детската клиника, а дел од медиумите пренесоа дека претходно неколкупати било одбивано да се хоспитализира иако неговите родители трипати го носеле на преглед на оваа клиника.