Тој потврдува дека на состаноците со другите лидери на коалицијата ВЛЕН предложил самостоен настап на секоја од четирите партии на советничките листи, а заеднички кандидати за градоначалници, што било отфрлено од Касами, Меџити и Ибраими
За споредбите на неговото однесување со она на Луј 14-ти, Таравари вели дека се тенденциозни и со лоша намера

360°: По информациите во јавноста дека се појавиле разлики меѓу Вас и другите лидери во коалицијата ВЛЕН за тоа како да се настапи на претстојните локални избори, може ли да ни кажете кои беа вашите барања поради кои, очигледно, зовреа страстите?
Таравари: ВЛЕН се формираше пред парламентарните и претседателските избори минатата година. Успеавме да направиме релативно добар резултат, велам релативно, 107 000 албански гласови зашто немаше турска, бошњачка или ромска партија, туку четири албански партии и тоа е добар резултат. Многу подобар од ДУИ од 2020 година, кога на тие парламентарни избори имаа 105 000 гласови, на изборите во 2016 година ДУИ имаше 85 000 гласови… Можеби ДУИ имала повеќе гласови од нас на локалните избори во 2013 година со 153 000 гласови, инаку ДУИ секогаш имала меѓу 85 000 и 105 000 гласови. Сега, ние, како ВЛЕН земавме 107 000 гласови. По конституирањето на Владата, претседателите на партиите кои се во ВЛЕН, седнавме, и јас уште тогаш им реков дека добро би било на локалните избори да се оди со посебни листи – значи еден, единствен кандидат на ВЛЕН за градоначалник, но листите да бидат посебни. Тогаш се надевавме дека можеби ќе има отворени листи за советници во општините. Mеѓутоа, за жал, ете не успеавме и за овие локални избори, иако се најавуваа од 2021 година – дека на локалните избори ќе имаме отворени листи за советници. Моето мислење е дека уште, велам уште јули или август минатата година, и сега продолжувам да мислам така, ако на пример во Тетово има 31 советник, ако сме четири партии и сите имаат своја листа, ќе бидеме 124 кандидати за советници, што ги релаксира структурите, бидејќи и вака ние сме четири партии и така ја делиме исто власта на четири дела и тоа причнува одредени, да речам така, незадоволства и фрустрации. Меѓутоа, видов дека кај сите партии од ВЛЕН – сите мислат дека, освен нас, дека треба да се оди со иста листа, тогаш им предложив друга опција – нека бидат сите три партии, што беа ВЛЕН порано, со иста листа, а ние да бидеме како Алијанса за Албанците со посебна листа за советници и тука сме застанале. Тоа е досега, да речам, ако има недоразбирање…
360°: Да, на 24 март бил тој состанок, како што се известуваше во медиумите, една недела претходно.
Таравари: И на 24 и на 25 март имавме средби.
360°: Се појавија некои медиумски извештаи во коишто Ве квалификуваа, Ве споредуваа со Луј 14-ти, како велат – „Државата, тоа сум јас“, „ВЛЕН, тоа сум јас“, наводно за тоа како вие сте се однесувале на тие состаноци. Тоа треба да биде метафора за апсолутизам. Како ги коментирате тие медиумски извештаи?
Таравари: Напротив, тенденциозни се и со лоша намера. Знам и кој ги подготвува и кој ги нарачува точно, меѓутоа се тенденциозни.
360°: Тоа е брифирано веројатно од некој од вашите партнери?
Таравари: Не верувам, не, не верувам. Повеќе мислам дека некој кажал за што сме разговарале. Ниту сме спомнале на тој состанок процент, ниту јас сум кажал некогаш во мојот живот дека јас сум ВЛЕН… Многу често не го користам зборот „јас“, генерално користам „ние“… Меѓутоа, постојат тенденции, за жал, не верувам дека се од ВЛЕН, мислам дека повеќе од ДУИ, коишто можеби земаат некои информации од претставници на некои партии од ВЛЕН, за да се продлабочи таа разлика меѓу партиите – се нарачуваат, а одредени медиуми го користат тоа. Меѓутоа никогаш, во ниеден момент не сум кажал, ниту се доживувам така. Јас се доживувам како дел од ВЛЕН. Значи, добриот резултат е како синергија, можеби да не поделиш како партии ниедна нема да земе и да ги собереш заедно толку гласови. Синергијата си влијае плус можеби 10 до 20 000 гласови во тие 107 000 гласови и во еден момент не сум кажал дека ние сме доминантни, тие таму спомнуваа и проценти, а ниту е зборувано со проценти, дури одредени општини сме ги посочиле, како Чаир, каде на пример доминира Демократското движење на Изет Меџити. Беса доминира во Желино и во Тетово, во Гостивар и во Врапчиште е Алијанса. Јас сум кажал, оти локалните избори се разликуваат од парламентарните, дури во некои општини секоја партија да даде по едно име, да направиме двојна анкета и да видиме кој е најдобриот, најприфатливиот и тој да не биде кандидат на партијата, туку да биде кандидат на ВЛЕН.

360°: Една од гласините што се слушна, во тој контекст, е дека, всушност, преговарате со ВЛЕН за воопшто да не се договорите бидејќи веќе сте договорени со ДУИ.
Таравари: Нема врска со ДУИ.
360°: Имате контакти со ДУИ?
Таравари: Видете, канали на комуникација постоеле и не верувам дека некои од партиите немаат. Знаете како е, ова е мала држава, така што има одредени луѓе комуницираат и ме информираат дека комуницираат, нормално. Дали сме договорени, кога ќе се договориме, јавно тоа ќе го направиме, нема што да криеме. На крајот на краиштата, јас сакам ВЛЕН да направи добар резултат, меѓутоа сакам и Алијанса за Албанците да има добар резултат, секако како што сака и Билал Касами за Беса, како што сака Зеќирија Ибраими за Алтернатива, Изет Меџити за својата партија. Тоа е нормално.
360°: Има ли некакви сигнали од ДУИ дека би сакале да соработувате на локалните избори? За вашата структура.
Таравари: Сигнали има, секако дека има. Не дека има само со Алијанса, ДУИ сигурно има комуникација и со другите партии од ВЛЕН. Тоа е неспорно и постојат такви информации, но тоа е небитно. Видете, друга опција, ако во ВЛЕН не се договориме, за нас е сами да одиме на избори. На крајот на краиштата, ако дојдеме, излеземе со листа на советници, со кандидати за онаму каде што мислиме, ако одиме во втор круг, нормално дека би побарале поддршка – каде што ќе оди ДУИ, таму би побарала поддршка од ВЛЕН, каде што нема да оди ДУИ, би побарале поддршка од ДУИ. Меѓутоа, ќе видиме, сега засега оваа опција е втора опција… Сега ги пуштивме пратениците, тие се поусогласени, да седнат, да се договорат. Тие направиле една драфт-верзија. Ако успеат со тоа – јас им кажав, само донесете дека сте се договориле, прв ќе сум што ќе гласам.
360°: Што е верзијата?
Таравари: Видете, генерално се советничките листи и кандидатите, можните кандидати за општините.
360°: Верзијата предвидува заеднички настап на советничките листи?
Таравари: Да, и на советничките листи – една опција за која и јас мислам дека е во ред. Ако се договорат начелно, им кажав и на нив – договорете се, донесете го договорот на Централно собрание, јас прв би го изгласал.