Ваквата одлука на Таравари следува по смртта на на 32-годишен кумановец кој почина по алергиска реакција од аналгетик
Министерот за здравство Арбен Таравари го разреши директорот на Општата болница Куманово по смртта на 32-годишен кумановец кој почина по алергиска реакција од аналгетик.
„Бев кај семејството на починатиот 32-годишен Ведат Адеми за да изразам сочувство. Пред да дојдам тука го прегледав извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во него многу лесно може да се констатира дека веќе има предуслови за разрешување на директорот на ОБ Куманово. Тој веќе е разрешен и се надевам дека утре, во консултација со колегите во Министерството, ќе назначиме нов директор“,
изјави Таравари. денеска во Куманово.
Тој потенцира дека професионалниот тим од Министерството за здравство ќе ја разгледа целата документација по што ќе му ја предаде на Обвинителството, а судот ќе ја донесе конечната одлука дали постоела лекарска грешка во третманот на пациентот.
„Треба да бидеме свесни дека ако има пропусти мора да има и одговорност. Не сакам да навлегувам во деталите на извештајот, ќе следиме како ќе тече истрагата. Не е коректно да коментираме работи што треба да ги утврдат комисијата и обвинителството. Но, постојат индиции дека има одредени работи кои не се како што треба, затоа и директорот веќе е разрешен. Тој што ја организирал работата во болницата требал да внимава и да не се случат такви работи,“
додаде Таравари.
Тој нагласи дека како министер има надлежност да ги разреши организаторите на здравствените установи, а за причините ќе утврдела комисија на ДСЗИ.
„Комисијата ќе утврди каде е грешката. По контролата на ДСЗИ ќе биде јасно што следува понатаму. Новиот директор ќе биде од самата болница,“
рече министерот за здравство.