„Повелете, ве повикувам да разговараме за оваа приоритетна тема за сите нас и очекувам секој кандидат позитивно да одговори на поканата“, повика денеска кандидатот на коалицијата „Вреди“ за шеф на државата
Кандидатот за претседател на државата на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, в сабота ќе организира јавна трибина на која главна тема ќе биде иселувањето на граѓаните од државата.
Трибината, која Таравари ја најави денеска на прес-конференција, ќе се одржи во Тетово и ќе почне напладне. На неа тој ги кани да земат учество сите кандидати за претседател на државата и да разговараат за оваа приоритетна тема.
„Како што веќе најавив на неколку телевизиски настапи, следните недели до претседателските избори од 24 април, ќе ги искористам да ги ислушам и консултирам граѓаните за приоритетите како следен претседател на државата. Рамазан е месец на рефлексија, каде со фокусирање на нашата вера, мораме да ги зајакнеме чувствата на солидарност и поддршка во нашата заедница, разговарајќи за тоа како можеме да работиме заедно за да ги надминеме предизвиците кои влијаат на нас како општество. А каде има поголем предизвик за нашето општество и нашите семејства од раната на емиграцијата што ги раздвојува семејствата и не одвојува од нашите најблиски?“,
вели кандидатот за шеф на државата на коалицијата „Вреди“.
Ова чума, вели Таравари, мора да запре пред да биде предоцна. Пристапот кон изнаоѓање решение за овој егзистенцијален проблем, според него, треба да биде преку заедничко дејствување и заеднички разговори.
За таа цел, изјави тој, ќе ја организира јавна дебата во Општина Тетово в сабота на тема спречување на иселувањето.
„Ја користам можноста јавно да ги поканам сите претседателски кандидати да учествуваат на оваа трибина која третира тема што навистина ги засега граѓаните. Повелете, ве повикувам да разговараме за оваа приоритетна тема за сите нас и очекувам секој кандидат позитивно да одговори на поканата“,
порача Таравари.
Говорејќи на темата, тој рече дека според владини извори, само во периодот од 2011 до 2019 година околу 700 000 граѓани ја напуштиле Северна Македонија, односно секој четврти граѓанин.
Овие податоци, вели, се потврдени и со последниот попис на населениот во 2021 година. Како пример го посочи Гостивар, градот чиј актуелен градоначалник е тој, кој вели изгубил 36 отсто од населението.
„Значи, за двајца гостиварци во татковината имаме еден во егзил“,
вели тој.
Овој тренд во изминатите пет години се зголемил експоненцијално и според некои податоци објавени од Институтот „Арбен Џафери“, само во 2021 и 2022 година во Германија заминале 85 000 граѓани на Северна Македонија, главно млади и квалификувани луѓе.
„Со алармантна брзина го губиме највиталниот дел од нашето општество, со долгорочни последици за работната сила, за развојот и за економската перспектива на земјата“,
вели кандидатот за шеф на државата.
Инаку, по завршениот процес на собирање потписи за претседателска кандидатура во трката за шеф на државата влегоа седум кандидати. Покрај Таравари, потребниот минимум од 10 000 потписи го обезбедија Бујар Османи (ДУИ), Максим Димитриевски (Движење ЗНАМ), Стевчо Јакимовски (ГРОМ), Билјана Ванковска-Цветковска (Левица), како и кандидатите на СДСМ, Стево Пендаровски и на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова. Последните двајца кандидати на Пендаровски и Силјановска-Давкова не мораа да собираат потписи бидејќи партиите кои застанаа зад нив имаат доволно пратеници во Собранието за да ја поддржат нивната кандидатура, но сепак тие решенија да ја побараат и поддршката од граѓаните.
Засега никој од другите претседателски кандидати не одговори на повикот на Таравари за учество на дебата што тој ја најавува.