Во врска со наводите кои кружат во јавноста оти претставници на меѓународната заедница препорачале политичките партии на Албанците да потпишат нон-пејпер со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени, Таравари вели дека такво нешто не му е сугерирано и дека е во постојан контакт со претставници на западноевропските земји
Иако е за самостоен настап на Алијанса за Албанците (АА) на претстојните парламентарни избори, лидерот на партијата Арбен Таравари вели дека крајната одлука по однос на ова прашање ќе ја донесе Централното собрание на партијата. Одлуката на ова партиско тело за евентуалните изборни коалицирања на Алијанса, според Таравари, ќе се знае во наредниве четири до пет дена.

„Наскоро ќе го соопштиме нашиот став, со оглед дека нè газат роковите. Верувам дека следната недела ќе има одлука. Ние имаме одлука на партиското претседателство која е актуелна, но партиското собрание може да донесе друга одлука. Пред четири месеци рековме дека сами ќе одиме на избори, но ќе ги видиме околностите, ги слушаме и препораките. Конечната одлука се носи во Централното собрание, која можеби ќе биде потврдена, а може и не. Јас ќе ја почитувам одлуката, како и секогаш досега“,
изјави Таравари одговарајќи на новинарско прашање околу можното изборно коалицирање на неговата партија со ДУИ.
Во неодамнешното интервју за „360 степени“, пратеникот и претседател на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изјави дека е на иста линија со лидерот на партијата по однос на прашањето за изборните коалицирања на АА, но дека конечната одлука ќе ја носи Централното собрание. Според Села, Алијанса за Албанците има капацитет да излезе сама на избори и да биде конкурентна со ДУИ за да победи.
Во врска со наводите кои кружат во јавноста оти претставници на меѓународната заедница препорачале политичките партии на Албанците да потпишат нон-пејпер со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени, Таравари вели дека такво нешто не му е сугерирано и дека е во постојан контакт со претставници на западноевропските земји.