Министерот за здравство вели дека многу го цени гласот на јавноста и во оваа смисла кажа дека како Влада и како Министерство за здравство ќе проценат дали процесот да се продолжи или да се објави нов тендер за изградба на катни гаражи кај Клиничкиот центар
Министерот за здравство Арбен Таравари вели оти не знае зошто се крева паника околу случајот со изградба на катни гаражи кај Клиничкиот центар во Скопје бидејќи, како што вели, договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“, за која постојат најави дека ќе стопанисува со паркингот, сè уште не е потпишан.

Прво, како што вели министерот, треба да помине на Влада за да се поминат одредени филтри за сите документи.
„Тендерот ги помина сите постапки како што треба. Значи нема нешто што е нерегуларно. Дека треба паркинг на Клинички центар тоа никој не го спори, што побргу да има толку подобро. Иако некои велат дека ценатата од 50 денари за час била многу, јас мислам дека во повеќето градови 50 денари е паркинг, каде било. Ако го оставиме со многу ниска цена и тоа не е добро. Сега ни се случува, повеќе луѓе да се паркираат во болница и да излезат приватно низ градот да се прошетаат бидејќи е најевтиното паркинг место“,
изјави Таравари во одговор на новинарско прашање.
Министерот додаде дека многу го цени гласот на јавноста и во оваа смисла кажа дека како Влада и како Министерство за здравство ќе проценат дали процесот да се продолжи или да се објави нов тендер за изградба на катни гаражи на Клиничкиот центар.
Но, како што вели, треба да се има предвид дека ако се поништи сегашниот и се објави нов тендер, тоа би траело од шест месеци до една година бидејќи се работи за меѓународен тендер.
„А, повеќе луѓе ми се жалат дека навистина многу им значи да имаме што повеќе нови паркинг- места на Клинички центар. Неспорно е дека на Клиничкиот центар му требаат нови катни гаражи оти луѓето доаѓаат и трошат од 30 до 60 минути додека најдат паркин место. Катни гаражи во Клинички е нешто што сме го ветиле како Влада, ако некому му пречи името на компанијата, мислам дека не е во ред“,
додава Таравари.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата изјави дека ако јавноста не сака, нема да биде потпишан договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“, за која постојат најави дека ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.