„Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи“, вели Таравари во оставката

Оставката на министерот за здравство Арбен Таравари попладнево е доставена до премиерот Христијан Мицкоски.
Како што информираат во соопштението од тимот на Таравари, оставката од функцијата е неотповиклива.
Во писмото со кое го информира премиерот за оставката, Таравари заблагодарувајќи му се на укажаната доверба вели дека функцијата ја извршувал со максимална посветеност, транспарентност и чувство на должност кон граѓаните и државата.
„Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем“,
се вели во оставката од Таравари испратена до Мицкоски.
Тој нагласува и дека останува отворен за соработка и поддршка во иднина, секогаш водејќи се од јавниот интерес.
Денеска претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека оставка од Таравари до нив се уште не е доставена, а кога таа ќе стигне ќе се постапува согласно Деловникот.
„Во моментот кога ќе добиеме писмено доставена оставка тогаш согласно Деловникот како што е предвидено прво ќе чекаме предлог од премиерот за да се констатира оставката, а потоа се постапува кон постапка за назначување на нов министер“,
рече Гаши.
Оставката на Таравари доаѓа како резултат на одлуката крилото од Алијанса за Албанците со кое тој раководи да ја напушти владината коалиција и да замине во опозиција, донесена во понеделникот.
Поврзани вести:
- Таравари ја напушта Владата – објави дека неговата Алијанса за Албанците оди во опозиција
- Таравари ќе си поднесе оставка од Здравство, очекува да бидат разрешени неговите партиски колеги
- Меџити до Таравари: Ти не ја напушташ, ти ја предаде Владата
- (Не)оправдано отсуство: Ќе останат ли Фетаи и Сулејмани во власта или си одат со Таравари?
- Лимани: Најмалку четири пратеници од Алијанса за Албанците остануваат во владејачкото мнозинство
- Меџити: Видлива е поделбата во АА на Таравари, нивните позиции во Владата остануваат во ВЛЕН
- Мицкоски за ликот на Владата без Таравари: Следната недела многу работи ќе бидат појасни