Добитник на Нобеловата награда за литература е Абдулразак Гурна, танзаниски писател по потекло од Занзибар, беше објавено денеска на прес-конференција во Стокхолм.
Гурна ја доби наградата за „бескомпромисното и сочувствително продирање во последиците од колонијализмот и судбината на бегалците во јазот меѓу културите и континентите“, стои во образложението на Шведската академија.
Обложувачниците ѝ даваа најмногу шанси на Французинката Ана Ерно, но и на Нгуџи Ван Тјонг, кениски писател. Во најтесниот круг на омилени беа Људмила Улицка, Харуки Мураками, Маргарет Атвуд, но и хрватската писателка Дубравка Угрешиќ.
Нобеловата награда ја доделува Кралската шведска академија и се состои од златен медал и парична награда од 10 милиони шведски круни или 1,1 милион долари.
Паричниот износ на наградата доаѓа од наследството што го остави креаторот на наградата, шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, пронаоѓачот на динамитот, кој почина во 1895 година.
Шведската академија објави дека оваа година нема да има доделување награди во Стокхолм, туку дека победникот ќе биде одликуван во неговата земја.
Минатата година, Нобеловата награда за литература ја доби американската поетеса Луиз Глик.
Во изминатите денови беа соопштени добитниците на наградите за медицина/физиологија, хемија и физика.
