Европската Унија (ЕУ) не може повторно да ја изневери Северна Македонија, која повеќепати потврди дека за неа нема алтернатива на патот кон ЕУ и на добрососедските односи со Бугарија, изјави словенечката европратеничка Тања Фајон за белградскиот весник „Данас“.
„Не можеме повторно да ги изневериме. Ние мора да најдеме решение со Бугарија во духот на дијалогот и да ја вратиме нивната доверба во овој процес. Земјите членки имаат уште една можност да одлучат до крајот на годината и да ја отворат вратата на ЕУ за нашите пријатели од Северна Македонија, бидејќи тие тоа го заслужија“,
вели Фајон, која е претседател на Комитетот за стабилизација и асоцијација на Европскиот парламент.
Според неа, бугарското вето за преговарачката рамка со земјава предизвикало разочарување не само кај народот на Северна Македонија, чија иднина очигледно е во Европската Унија, туку и кај Европскиот парламент, кој останува силен поддржувач и сојузник на земјава.
И претседателката на Европското движење во Србија, Јелица Миниќ, не ја оправдува бугарската блокада и вели дека спречувањето Северна Македонија да ги отвори преговорите е неповолна вест за целиот регион на Западен Балкан.
Според неа, овие случувања се удар врз кредибилитетот на ЕУ во регионот, но и најава дека соседските разлики ќе станат постојан фактор на попречување во процесот на проширување. Новата методологија, додава Миниќ, ги охрабри земјите членки да бидат поангажирани во процесот на проширување, но идејата не беше тоа да се претвори во алатка за попречување на пристапниот процес.
„Каде е приказната за помирувањето и надминувањето на недоразбирањата од историјата? Токму оваа вредност беше главната идеја при создавањето на денешната Европска Унија. Дали претензиите на соседните земји кон послабите соседи ќе биде пресуден фактор и најава на некоја не толку светла иднина за нас? И, дали ЕУ ќе биде способна да го надмине тој проблем и во самиот регион? Во овој момент сите чекаме одговор на овие прашања“,
вели Миниќ за „Данас“.