Талибанците денеска предупредија дека евентуалната одлука на САД за продолжување на рокот за повлекување на своите војници од Авганистан, кој истекува на 31 август, ќе има последици.
Портпаролот на талибанците Сухаил Шахин за Скај њуз изјави дека продолжувањето на рокот за повлекување на американските војници ќе значи продолжување на окупацијата и додаде дека нема потреба од тоа.
Тој рече дека ако на САД или Велика Британија ѝ треба дополнително време за да продолжат со евакуацијата, тие нема да го дозволат тоа.
„Тоа ќе создаде недоверба меѓу нас. Ако имаат намера да ја продолжат окупацијата, тоа ќе предизвика реакција“,
рече Шахин.
Изјавата на талибанскиот претставник следуваше по информацијата дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе побара од претседателот на САД, Џо Бајден, да го продолжи рокот за заминување на американските војници од Авганистан, со цел да се овозможи евакуација на луѓето што сакаат да ја напуштат земјата.