Оставката, како што попладнево информираа од собраниската прес-служба, е поднесена согласно членот 115 од Деловникот за работа на Собранието, според кој, секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка, а таа да биде констатирана на првата наредна собраниска седница
Актуелниот претседател на Собранието и иден мандатар на техничката влада, Талат Џафери, денеска поднесе оставка од претседателската функција во парламентот.
Оставката, како што попладнево информираа од собраниската прес-служба, е поднесена согласно членот 115 од Деловникот за работа на Собранието, според кој, секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има право да поднесе оставка, а таа да биде констатирана на првата наредна собраниска седница, без претходен претрес.
„Почитувани граѓани, само што ја поднесов оставката од позицијата претседател на Собранието. Со чувство на гордост и исполнетост зашто во двата мандати бев претседател на сите пратеници и граѓани – работев одговорно, професионално, независно и отчетно пред вас. Така и ќе продолжам во следниот предизвик“,
објави Џафери на својот профил на Фејсбук непосредно по поднесувањето на оставката.
Покрај депонирањето на оставката, Џафери го овластил потпретседателот на парламентот Горан Мисовски, да претседава на пленарната седница закажана на 26 јануари (петок).
Претходно денеска оставка поднесе и премиерот Димитар Ковачевски која, исто така, треба да биде констатирана од Собранието. Со депонирањето на оставката на Ковачевски и официјално започна процесот за формирање на техничката влада, која треба да биде изгласана најдоцна до 28 јануари, на сто дена од парламентарните избори.