Помладиот Хамнеи не се појавил во јавноста, ниту, пак, дал јавни изјави од почетокот на конфликтот, и покрај тоа што на почетокот на март беше избран за наследник на неговиот татко. Досега две изјави што му се припишуваат на 56-годишниот Хамнеи се прочитани на иранската државна телевизија, но отсуството на аудиоснимка од неговиот глас дополнително им дава тежина на сѐ уште непотврдените извештаи дека тој се наоѓа во тешка здравствена состојба. Неговата наводна неспособност да го води Иран, го покренува прашањето за вистинската распределба на моќта во Иран, каде врховниот лидер има апсолутна политичка и верска власт
Новиот ирански врховен лидер Моџтаба Хамнеи е на лекување во градот Ком и не е во можност да го води Иран, пишува „Тајмс“.

Дипломатскиот меморандум, во кој увид имаше „Тајмс“, се базира на американски и израелски разузнавачки информации и наведува дека Хамнеи, синот на убиениот долгогодишен лидер Али Хамнеи, се наоѓа во тешка здравствена состојба и е на лекување во градот Ком, кој претставува еден од најважните религиозни центри на шиитскиот ислам.
Според наводите, Хамнеи во овој период не е способен да учествува во донесувањето одлуки и да го води Иран.
Во исто време, градот Ком се подготвува за погребот на неговиот татко, долгогодишниот лидер Али Хамнеи.
Како што пишува „Тајмс“, разузнавачките служби ги набљудувале подготовките за изградба на голем мавзолеј со неколку гробници, што укажува на можноста дека и други членови на семејството, можеби и самиот Моџтаба, ќе бидат погребани таму.
Наводно, информациите за локацијата на врховниот лидер на Иран веќе одредено време им биле познати на американските и израелските разузнавачки агенции, но досега не биле јавно објавени.
Инаку, Иран потврди дека новиот врховен лидер е ранет во истиот воздушен напад во кој беа убиени неговите татко, мајка, сопруга и еден од неговите синови уште на првиот ден од конфликтот што го зафати регионот.
Помладиот Хамнеи не се појавил во јавноста, ниту, пак, дал јавни изјави од почетокот на конфликтот, и покрај тоа што на почетокот на март беше избран за наследник на својот татко.
Досега две изјави што му се припишуваат на 56-годишниот Хамнеи се прочитани на иранската државна телевизија, но отсуството на аудиоснимка од неговиот глас дополнително им дава тежина на сѐ уште непотврдените извештаи дека тој се наоѓа во тешка здравствена состојба.
Опозициските групи тврдат дека тој е во кома и се наоѓа во болница, додека други велат дека претрпел скршеница на ногата и повреди на главата.
Неговата наводна неспособност да го води Иран го покренува прашањето за вистинската распределба на моќта во Иран, каде што врховниот лидер има апсолутна политичка и верска власт.
Се зголемуваат и шпекулациите дека клучната контрола всушност ја држи Револуционерната гарда (ИРГЦ), додека Хамнеи е само формална фигура.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговара со други ирански функционери, но не и со врховниот лидер.
