Лидерите на Тајланд и Камбоџа одржаа разговори во Малезија, чиј домаќин беше премиерот Анвар Ибрахим, актуелен претседател на регионалниот блок АСЕАН. Тие се согласија да продолжат директно да комуницираат

На полноќ ќе стапи во сила прекин на огнот меѓу Камбоџа и Тајланд по петдневни жестоки битки.
Лидерите на Тајланд и Камбоџа одржаа разговори во Малезија, чиј домаќин беше премиерот Анвар Ибрахим, актуелен претседател на регионалниот блок АСЕАН, каде што двете страни се согласија да ги прекинат воените дејствија и да продолжат директно да комуницираат.
Овие соседни држави се обвинуваа меѓусебно кој е виновникот што воопшто започна конфликтот минатата недела, кој потоа ескалира со артилериско бомбардирање и воздушни напади.
Анвар предложи преговори за прекин на огнот веднаш откако долготрајниот граничен спор прерасна во конфликт во четвртокот, а Кина и САД исто така понудија да помогнат во преговорите.
Дополнителен напор во смирување на ситуацијата вложи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој на двајцата лидери за време на викендот им порача да ги решат разликите, затоа што во спротивно нема да склучува трговски договори со нив.
Тензијата меѓу Тајланд и Камбоџа се интензивира по убиството на камбоџански војник за време на кратка престрелка кон крајот на мај. Двете страни ги зајакнаа граничните трупи во услови на целосна дипломатска криза, што ја доведе кревката коалициска влада на Тајланд на работ на колапс.