Содржината на доверливиот документ, кој го објави „Њујорк тајмс“, открива дека десетици оперативци на ЦИА се убиени, уапсени или врбувани од други служби да бидат двојни агенти
Голем број странски оперативци на американската разузнавачка агенција ЦИА беа убиени, заробени или се врбувани од ривалските агенции за да ги шпионираат САД, објави „Њуојрк тајмс“.
Лица запознаени со темата тврдат дека највисоките претставници на ЦИА, во писмото испратено по строго доверливи канали, ја предупредиле секоја станица и база на оваа агенција во светот за овој проблем, наведува весникот.
ЦИА во документот предупредува дека имало десетици случаи на убиства, апсења или компромитации на нејзини странски оперативци во последните неколку години. Одреден број се ликвидирани од ривалските разузнавачки агенции, што е невообичаен податок кој разузнавачките службеници обично не го откриваат во комуникации од овој вид.
Содржината на документот ги открива тешкотиите што ЦИА ги има за регрутирање шпиони низ целиот свет за вклучување во специфични средини.
Во последниве години разузнавачките служби во земји како Русија, Кина, Иран и Пакистан успеваат да ги пронајдат изворите на ЦИА, а во некои случаи ги наговараат да станат двојни агенти, наведува „Њујорк тајмс“.
Целта на пораката беше да се охрабрат канцелариите да ги зајакнат заштитните протоколи и безбедноста, велат официјални лица.
Слаби вештини и потценување на другите
Прекумерната доверба во изворите, лошите разузнавачки вештини, потценувањето на странските агенции и пребрзото регрутирање шпиони беа истакнати како некои од причините за неуспешните мисии.
Употребата на вештачката интелигенција, препознавањето лице и други софистицирани алатки им олеснија на другите држави да ги следат американските разузнавачи кои работат во нивните земји, се вели во извештајот.
Според њујоршкиот весник, резултатите од истражувањето покажале дека земјите кои се цел на САД се исто така вешти во „ловот“ на шпиони, додека вештините на ЦИА се „за’рѓани“ по децении фокусирање на терористичките закани и потпирање на ризичните комуникациски системи.
Иако во писмото се идентификувани голем број информатори кои биле уапсени или убиени, бројот на оние што се свртиле против САД не е целосно познат.
Понекогаш, посочува њујоршкиот весник, информаторите кои откриваат ривалски разузнавачки служби не се уапсени или убиени, туку се ангажирани како двојни агенти, кои доставуваат дезинформации до ЦИА, велат поранешните официјални лица, додавајќи дека Пакистанците биле особено ефикасни во тоа.
ЦИА во последните години претрпе катастрофални упади во своите шпионски мрежи, каде што, според „Њујорк тајмс“, агентите најверојатно биле откриени за кршење на тајниот систем за комуникација на агенцијата преку кој таа комуницирала со агентите на терен.
