Демократската партија на Албанците вечерва во Тетово ја одржа првата предизборна средба со членови, граѓани и симпатизери, при што лидерот Мендух Тачи посочи дека пропорционалната распределба на буџетот и консензуалната демократија ќе бидат во фокусот на неговата партија по изборите, пренесува МИА.
„Овие избори се многу важни во борбата за нашата слобода, но не со пушка, туку со глас. Затоа, земете го вашето семејство, носете маска и пенкало од дома, отворете го гласачкото ливче и таму прв е Мендух Тачи, заокружете го. Ветувам дека кога ќе дојдеме на власт ќе се работи 24 часа првите 30 дена. Но, прво треба да се избориме за тоа“,
рече Тачи, ветувајќи помош за албански семејства во социјален ризик, односно по шест илјади денари по член на семејство, „ама не како сега шест илјади документи да пополнат, туку директно на рака“.
Тој ги прозва Али Ахмети и Насер Зибери, оценувајќи дека ја навредуваат интелигенцијата на гласачите.
„Тие ја навредуваат нашата интелигенција. Таква измама никој не прифаќа. Политиката се менува, животот се менува, но Али Ахмети не сфаќа“,
рече Тачи.
„Доаѓа лето низ врата“ е мотото со кое ДПА настапува на овие парламентарни избори.