Поранешниот косовски претседател и еден од основачите и член на ОВК, Хашим Тачи денеска во Хаг се изјасни дека не е виновен и не ги признава обвиненијата од Специјалното обвинителство.
„Обвинението е без никаква основа и јас изјавувам дека не сум виновен по ниту една од 10-те точки на обвинението“,
рече Тачи, изјаснувајќи се пред судија на претходната постапка во Хаг.
Тој ги негираше обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени помеѓу март 1998 и септември 1999 година.
Поранешните офицери на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети пред судот во Хаг за најмалку 98 убиства. Тие се обвинети за злосторства извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија над најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 биле убиени, од март 1998 година до септември 1999 година.
Тачи сам се предаде на 5 ноември откако поднесе оставка на функцијата претседател. Обвинението ги товари Тачи и другите за политички и етнички прогон, затворање, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, суров третман, тортура и убиства.