Во периодот меѓу 30 ноември и 6 декември вкупно се потврдени 3 970 427 новозаразени и 73 396 смртни случаи како последица на ковид-19
Бројот на новите случаи на коронавирус, регистрирани низ светот за седум дена се зголемил за дури четири милиони, најмногу во Северна и Јужна Америка, соопшти Светската здравствена организација.
Според податоците на СЗО, во периодот меѓу 30 ноември и 6 декември вкупно се потврдени 3 970 427 новозаразени и 73 396 смртни случаи како последица на коронавирусот.
Половина од регистрираните случаи се забележани во Северна и Јужна Америка, додека во Европа стапката на заразеност сè уште е висока, но бројот на починати се намалува втора недела по ред.
Повеќе од 1 840 000 новозаразени и 28 000 смртни случаи беа пријавени во периодот од 30 ноември до 6 декември во Северна и Јужна Америка, а во Европа за истиот период околу 1 450 000 нови инфицирани и над 19 000 починати.
Во Југоисточна Азија, овие бројки се пониски, со потврдени 332 000 нови случаи и 5 000 починати.
Кога станува збор за државите, бројот на нови случаи во последните седум дена во САД е над 1 250 000, потоа во Бразил 295 000, во Индија 251 000, во Русија 191 000, во Италија повеќе од 145 000 и во Германија над 128 000.
Инфекцијата со коронавирусот се забрзува и во Велика Британија, каде има повеќе од 100 000 нови случаи за седум дена, 93 000 во Иран и 80 000 во Полска, се наведува во соопштението на Светската здравствена организација.
