Шефот на Светската здравствена организација изјави дека во последните две недели секој ден во светот се регистрираат по повеќе од 100 000 нови случаи на ковид-19, претежно во САД и Јужна Азија.
Тедрос Аданом Гребрејсус ги предупреди и земјите кои добро се справиле со пандемијата да да бидат подготвени на можноста за повторна појава на вирусот со зголемен број случаи.
Тој посочи дека се испитуваат новите кластери во Пекинг, каде што повеќе од 50 дена немаше нови заболени од ковид-19.
Мајкл Рајан, шеф на СЗО за вонредни ситуации, изјави дека здравствената агенција на ОН им понудила дополнителна помош на кинеските власти и дека СЗО може да го зајакне својот тим во Кина во наредните денови додека напредува истрагата.
СЗО истакна дека биле потребни два месеци за да се достигнат првите 100 000 пријавени случаи, а сега тоа е дневна норма.