Комисијата за вонредни состојби при Светската здравствена организација утре повторно ќе заседава, третпат оваа недела, за да процени дали новиот вирус кој се шири од Кина претставува вонредна состојба на глобално ниво.
СЗО претходно денеска ги советуваше владите сами да одлучат дали ќе ги евакуираат своите граѓани од Вухан, епицентарот на вирусот.
Канада експресно соопшти дека ќе евакуира околу 160 свои граѓани од Хубеј. Канадскиот министер за надворешни работи Франсоа Филип Шампањ ги повика Канаѓаните да избегнуваат да патуваат во Кина доколку не станува збор за неопходни патувања.
Соопштението е објавено пред прес-конференцијата на експертот на СЗО, Мајк Рајан, кој се врати од Кина.
Комисијата, која е составена од 16 независни стручњаци, минатата недела двапати не сакаше да прогласи вонредна состојба на меѓународно ниво со образложение дека бројот на заболени од новиот коронавирус надвор од жариштето – Кина е многу мал.
Во меѓувреме, три европски авиокомпании ги прекинаа сите летови за Кина.
Прво, германска „Луфтханза“, потоа швајцарската „Свис“ и „Аустриан“ одлучија да не летаат кон Кина поради новиот коронавирус.
Од Австрија, последниот лет за Кина ќе биде вечерва, по што авионот и екипажот се враќаат.
Русија го прекина железничкиот сообраќај со Кина, освен возот на релација Москва – Пекинг.
Сите надежи во вакцината
Томас Болики, истражувач за глобално здравје, економија и развој, во Советот за надворешна односи во Вашингтон, изјави дека досега околу 44 илјади луѓе само во Кина може да се заразени од новиот короновирус, и критична вакцина против болеста се очекува за три-до четири месеци.
На дебата оддржана денеска за ширењето на болеста и мерките за нејзино спречување, Болики укажа дека засега постои одржлива епидемија на вирусот во Кина и ширењето во секундарни земји.
Вакцина против вирсот, во научната литература означена како „2019-nCov“ се уште не е развиена. Вирусот се шири по воздушен пат преку дишните органи.
„Кина и Центарот за контрола и превенција на заболувања (ЦДЦ) имаат архива на многу добро разработени генетски секвенци и развивојот на вакцинат оди добро. Почеток на критичните тестови за вакцинација проив вирусот очекуваме за три до четири месеци. За девет месеци до една година пак, очекуваме да започне втората фаза на сеопфатна вакцинација“,
изјави тој.
Укажа дека голем дел од вакцина тестовите досега биле неуспешни.
Кинескиот експерт за респираторни болести Жонг Наншан кој го откри коронавирусот САРС во 2003 година, е уверен дека новиот вирус ќе достигне кулминација за 10 дена, а потоа нема да има зголемување на заболени од големи размери.
Бројот на починати од појавата на коронавирус во Кина денеска достигна најмалку 131 лице, соопшти кинеската Национална комисија за здравство, додека речиси 6.000 луѓе се заразени низ целата земја.
Од вчера до денеска бројот на потврдени случаи на зараза со вирусот се зголеми за 60 проценти.
Нашата држава не е на мапата на загрозени држави
Во државава не се забележани сомнителни случаи на корона вирусот, па дури и во препораките за патување издадени од повеќе земји, Република Северна Македонија е ставена во рамки на земјите со вообичаена доза на претпазливост при патување, соопшти Министерството за здравство, посочувајќи дека редовно се следи состојбата и се преземени сите мерки на заштита и превенција.
Согласно препораките на Светската здравствена организација, од Министерството за здравство апелираат граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција и тоа: да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова храна и да се мијат задолжително рацете после секоја нејзина подготовка, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.
Од Министерството потенцираат дека треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари односно задолжително да се носат заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно, да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема, да се штити населението од настинки односно да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун и вода и тогаш кога не се видливо нечисти или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол, а при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката, а по употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.
Термо-камера функционира и на скопскиот аеродром, како и на другите аеродроми во регионот, за да регистрира дали некои патници кои долетуваат од места кои имаат директна транзитна поврзаност со областа во Кина, имаат висока температура и други симтоми на коронавирусот.