Пандемијата од новиот коронавирус ковид-19 се забрзува, а само вчер беа регистрирани 150 илјади новозаболени во светот. ОВа беше и најголемата бројка регистрирана во еден ден, велат од Светската здравствена организација.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, на денешниот редовен виртуелен брифинг за медиумите рече дека половина од новозаболените од последните 24 часа се на американскиот континент.
„Светот е во нова и опасна фаза. Вирусот сè уште се шири брзо, тој сè уште е смртоносен и повеќето луѓе сè уште се подложни на заразување“,
истакна Гебрејесус.
Претходно, СЗО ги предупреди земјите кои веќе прогласија победа над вирусот, да бидат внимателни од евентуалното повторно враќање на вирусот.
Тоа веќе ѝ се случи на Кина, со новото жариште во Пекинг.