Нема докази дека коронавирусот се сменил, ниту кога станува збор за формата на пренесување, ниту кога е во прашање сериозноста на болеста што ја предизвикува, предупреди денеска епидемиолог на Светската здравствена организација, Марија Ван Кирков.
„Во однос на пренесувањето, нема промена, во смисла на тежина на болеста, исто така нема промена“,
рече Кирков на прес-конференција.
Таа истакна дека е важно мерките за намалување и сузбивање на трансмисијата на вирусот да останат во сила.
Со неа едногласен е и епидемиологот при СЗО, Мајкл Рајан, кој рече дека опасно е да се верува во теориите дека вирусот ја губи силата.
„Мора да бидеме внимателни, ова е сè уште вирус-убиец. Мора да бидеме особено внимателни да не предизвикаме чувство дека, одеднаш, вирусот, по сопствена волја, одлучил да биде помалку патоген. Тоа воопшто не е случај“,
вели Рајан.
Тој додаде дека се работи за тоа дека луѓето, како заедница, успешно ги намалуваат фреквентноста, интензитетот и бројноста на изложувањето на вирусот.
„На тој начин, вирусот би можел да изгледа послаб, но можеби е послаб затоа што ние подобро се справуваме, а не затоа што вирусот слабее“,
вели Рајан.