Досега само 0,4 отсто од тестовите и 0,5 отсто од вакцините дадени ширум светот се во земјите со ниски приходи, иако тие претставуваат девет отсто од светската популација
Светската здравствена организација (СЗО) го претстави новиот план за борба против ковид-19 во најсиромашните земји и побара 23,4 милијарди долари во следните 12 месеци за негово финансирање.
Партнерството на најголемите светски здравствени агенции (наречено ACT акцелератор) има потреба од 23,4 милијарди долари за да им помогне на најризичните земји да набават и да одвојат средства за борба против ковид-19 од сега до септември 2022 година, се вели во соопштението на СЗО.
Оваа сума е минимална во однос на илјадниците милијарди долари економски загуби предизвикани од пандемијата и трошоците за плановите за реконструкција.
„Нееднаквиот пристап до тестовите, третманите и вакцините за ковид-19 ја продолжува пандемијата ширум светот и претставува ризик за нови, поопасни видови на вирусот кои би можеле да избегаат од постоечките средства за борба против болеста“,
се вели во соопштението.
Пандемијата, која одзеде речиси пет милиони човечки животи откако се појави во Кина на крајот на 2019 година, „не е далеку од завршена“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.
Тој рече дека досега само 0,4 отсто од тестовите и 0,5 отсто од вакцините дадени ширум светот се во земјите со ниски приходи, иако тие претставуваат девет отсто од светската популација.
Шефот на СЗО со месеци ја повторува оваа порака и бара слични суми за надминување на нееднаквоста во период од најмалку половина година.
Тој го повтори својот повик до шефовите на држави и влади на Г-20 да се сретнат викендов во Рим и ги повика „целосно“ да ја финансираат новата стратегија претставена денеска.