Трошоците за здравствена заштита во земјава во голема мера се резултат на трошоците на домаќинствата за лекови издадени од аптеките – повеќе отколку во многу други земји во Европа
Се проценува дека околу 10 отсто од граѓаните немале здравствено осигурување во 2018 година, а тоа значи дека единствено имаат право на јавно финансирана итна медицинска помош и задолжителна вакцинација
Околу четири проценти од домаќинствата во Северна Македонија западнале во сиромаштија или во подлабока сиромаштија по приватни плаќања, а 6,5 отсто од домаќинствата имале катастрофални трошоци за здравствена заштита во 2018 година, се вели во најновата анализа за финансиска заштита во македонскиот здравствен систем, спроведена од Светската здравствена организација (СЗО).
Што ја поткопува финансиската заштита во Северна Македонија?
Според анализата, се проценува дека околу 10 отсто од населението немало здравствено осигурување во 2018 година, а тоа значи дека единствено имаат право на јавно финансирана итна медицинска помош и задолжителна вакцинација. Неосигурените лица се најчесто луѓе без редовен работен однос и вработени на кои не им се исплаќаат платите навреме.
Во последните 10 години позитивната листа на лекови за амбулантно лекување е на товар на Фондот за здравствено осигурување и истата нема значителни измени. Во анализата се наведува дека и лекарите и пациентите претпочитаат поскапи брендирани лекови поради нивниот подобар квалитет од генеричките лекови. До 2019 година пристапот до лекови на товар на фондот беше ограничен преку квоти за аптеките.
Исто така, во анализата спроведена од СЗО се нагласува дека широко распространетата употреба на процентуална партиципација во која луѓето плаќаат дел од цената на здравствените услуги е сложена појава затоа што доколку цените на услугите не се однапред познати луѓето се соочуваат со неизвесност за тоа колку треба да платат.
Како се споредува Северна Македонија со другите земји?
Како што се наведува во анализата од СЗО, инциденцата на катастрофални приватни плаќања во Северна Македонија е повисока отколку во многу земји на ЕУ, но пониска отколку во Грција и Летонија, кои имаат слични нивоа на приватни плаќања.
Катастрофалните трошоци за здравствена заштита во Северна Македонија во голема мерка се резултат на трошоците на домаќинствата за лекови издадени од аптеките – повеќе отколку во многу други земји во Европа.
Како може Северна Македонија да ги подобри пристапот и финансиската заштита?
Одвојување на правото на здравствена заштита од плаќање придонеси за здравствено осигурување, поголема достапност на лековите преку стратегиски набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци се само дел од препораките за подобрување на пристапот до финансиска и здравствена заштита на граѓаните во Северна Македонија.
Извештајот „Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Северна Македонија“, спроведен од Светската здравствена организација испитува до кој степен луѓето во Северна Македонија се соочуваат со финансиски тешкотии кога користат здравствени услуги. Тој е дел од серија национални извештаи за следење на финансиската заштита во здравствените системи во Европа.
„Прв пат имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Северна Македонија во последните години.“
рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.