Коронавирусот и денеска е една од главните теми во светските медиуми. Црниот биланс покажува дека досега бројката на почитани изнесува 259, а речиси 12.000 се заразени ширум светот. Новиот вирус ги опустоши градовите во Кина, каде низ улиците речиси да нема никој, а Светската здравствена организација (СЗО) пред два дена прогласи вонредна состојба на глобално ниво.
Денеска, од СЗО излегоа со соопштение во кое даваат одговор на прашањето кое се наметна откако вирусот почна да демне и на меѓународно ниво – дали некој може да се зарази од коронавирус преку писма и пакети од Кина?
„Луѓето кои примаат пакети од Кина не се изложени на ризик од зараза од коронавирусот. Според последните анализи, вирусот не живее долго на површината на предметите, како што се писма или пакети“,
напишаа од СЗО на Твитер.
Сообраќајни и трговски забрани се непотреби – државите да се фокусираат на луѓето
Не само што што вирусот ги испразни улиците во кинеските градови, туку во некои, пред сè, во Хонгконг ги затвори и повеќето продавници, прекината е наставата во училиштата, а на вработените им е овозможено да работат од дома.
Поради страв од вирусот, голем број граѓани не излегуваат од своите домови, а во аптеките и продавниците е распродадена целата стока. Оние „похрабрите“ кои се движат низ улиците и извршуваат секојдневни активности носат заштитни маски.
Претставникот на Светската здравствена организација за Кина, Гауден Галеа изјави дека сообраќајните и трговските забрани се непотребни, додавајќи оти државите пред се треба да се фокусираат на идентификување на вирусот и да одговорат на избивањето на епидемијата.
Во кинеските градови продолжува примената на посебни мерки, а тим предводен од премиерот Ли Кечијанг најави дека работата ќе ја координира со локалните власти.
„Фејсбук“ во борба против „зараза“ од лажни вести и дезинформации
Фејсбук работи на спречување на дезинформации и потенцијално штетните содржини за коронавирусот, откако на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат лажни вести за епидемијата, соопшти американската компанија.
Шефот на одделот за здравство на Фејсбук, Канг Синг Јин изјави дека таа социјална мрежа ќе почне да ги отстранува статусите со лажни тврдења или теории на заговор за новиот вирус.
Според него, фокус ќе биде ставен на постовите во кои луѓето се наговараат да не се лекуваат или каде се изнесуваат опасни тврдења за лековите.
Фејсбук ќе го ограничи и ширењето на постови за кои е откриено дека се лажни, а на корисниците кои ги поставиле ќе им бидат испратени известувања.
Канг нагласи дека корисниците кои бараат информации за вирусот на Фејсбук, или оние кои ќе притиснат на соодветниот хаштаг на Инстаграм, ќе добијат поп-ап со вистинити информации за вирусот. На врвот на страницата на која корисницците добиваат нови вести, ќе се наоѓаат информации за епидемијата врз основа на препораките на Светската здравствена организација.