Се проценува дека 10,7 милиони луѓе во светот заболеа од туберкулоза во 2024 година, од кои 5,8 милиони се мажи, 3,7 милиони жени и 1,2 милиони се деца
Од туберкулозата минатата година починаа приближно 1,23 милиони лица, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), додавајќи дека оваа болест останува водечка причина за смрт од заразни болести во светот.
Бројот на смртни случаи од туберкулоза се намали за три отсто во 2024 година во споредба со 2023 година, додека бројот на случаи на болеста се намали за речиси два отсто.

Се проценува дека 10,7 милиони луѓе во светот заболеа од туберкулоза во 2024 година, од кои 5,8 милиони се мажи, 3,7 милиони жени и 1,2 милиони се деца.
Според СЗО, туберкулозата е болест што може да се спречи и излечи, а е предизвикана од бактерија што најчесто ги напаѓа белите дробови. Се пренесува преку воздух кога заразените лица кашлаат, киваат или плукаат.
Тереза Касајева, раководител на Одделот за ХИВ, туберкулоза, хепатитис и сексуално преносливи инфекции во СЗО во Женева, вели дека по првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот, случаите на туберкулоза и бројот на смртни случаи од неа се намалуваат.
Вели дека од 2020 година се во стагнација финансирањата за туберкулоза, односно минатата година, 5,9 милијарди долари биле достапни за превенција, дијагноза и лекување.
Таа сума е далеку под проценетата потреба од 22 милијарди долари годишно до 2027 година.
Петте главни фактори на ризик што ја водат епидемијата се неухранетост, ХИВ-инфекција, дијабетес, пушење и алкохолизам. Туберкулозата е водечка причина за смрт кај луѓето што живеат со ХИВ.
Во 2024 година, кај 8,3 милиони лица беше дијагностицирана туберкулоза.
Стапката на успех во третманот се зголеми од 68 на 71 процент минатата година.
СЗО проценува дека раниот третман на туберкулоза спасил вкупно 83 милиони животи од 2000 година.
