СЗО го смета новиот јужноафрикански сој за глобален ризик поради големиот број мутации на оваа нова варијанта на коронавирусот
Светската здравствена организација (СЗО) го оцени новиот јужноафрикански сој на коронавирусот – омикрон како многу висок глобален ризик. Процената на СЗО се заснова, меѓу другото, и на фактот дека сојот омикрон, кој беше откриен во Јужна Африка, има голем број мутации што доведуваат до поголем ризик од повторени инфекции кај прележаните лица.
„Омикрон има мутации чиј број е без преседан, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз развојот на пандемијата. Вкупниот глобален ризик поврзан со омикрон е исклучително висок“,
се наведува во извештајот на СЗО.
Во пресрет на појавата на јужноафриканскиот сој омикрон, дел од државите ги засилија рестриктивните мерки и ги затворија границите.
Јапонија од утре ќе ги затвори границите за странци, се вели во изјава на јапонскиот премиер Фумио Кишида.
„Ќе забраниме влез за странски државјани од целиот свет од 30 ноември“,
изјави Кишида.
На Јапонците што се враќаат од одредени земји ќе им биде дозволен влез во земјата, но ќе мора да бидат ставени во карантин, додаде премиерот.
Австралија, пак, денеска го одложи планираното повторно отворање на границите за студенти и квалификувани работници, наведувајќи ја неизвесноста за опасностите и преносливоста на новиот сој на коронавирусот омикрон. Австралискиот премиер Скот Морисон по вонредната седница рече дека отворањето на границите нема да биде на 1 декември како што беше планирано и дека ќе биде одложено за најмалку две недели.
Австралија регистрира пет случаи на варијантата омикрон кај патници што пристигнале од јужниот дел на Африка.