Ненадејното зголемување на бројот на луѓе заразени со коронавирус во Кина доведе до тоа многу влади да воведат дополнителни барања што кинеските туристи мора да ги исполнат по пристигнувањето во одредени земји
Светската здравствена организација (СЗО) бара од Кина да обезбеди точни и реални податоци во реална временска рамка за епидемиолошката состојба во земјата, со оглед на наглото зголемување на бројот на заразени со коронавирус и оние кои страдаат од ковид-19.
Претставниците на СЗО во петокот се сретнаа со претставници на кинеската Национална здравствена комисија и Националната администрација за контрола и превенција на болести, од кои побараа „дополнителни информации за ситуацијата и понудија експертиза со дополнителна поддршка“.
„СЗО ја нагласи важноста од мониторинг и навремено објавување на податоци за да им помогне на Кина и на глобалната заедница во формулирањето на точни проценки на ризик и ефективни одговори“,
соопшти организацијата со седиште во Женева.
Ненадејното зголемување на бројот на луѓе заразени со коронавирус во Кина доведе до тоа многу влади да воведат дополнителни барања што кинеските туристи мора да ги исполнат по пристигнувањето во одредени земји. Само во првите три недели од декември, 248 милиони луѓе од Кина биле заразени, според непотврдени внатрешни проценки.